Најпознатите и најбогатите личности во светот се собраа во елитно италијанско летувалиште за да зборуваат за планетата Земја, „казнувајќи“ ја во текот на овој процес, констатираат од „Њујорк пост“.

Милијардерите кои го основаа Гугл поканија листа на најпознати и највлијателни имиња во светот на т.н. „Гугл камп“ во Сицилија, вклучувајќи ги и поранешниот американски претседател Барак Обама, принцот Хари, глумецот Леонардо ди Каприо и пејачката Кејти Пери.

– Тридневниот настан ќе се фокусира на борбата против климатските промени. Сепак,  нема конкретни информации за тоа колку време влијателните гости ќе посветат на зборување за нивното директно влијание врз животната средина, како влијанието од нивните стотина приватни авиони и јахти со кои пристигнуваа – пишуваат од „Њујорк пост“.

Според објавите на светските медиуми, настанот ќе го чини „Гугл“ околу 20 милиони долари.

Голем број од гостите, вклучувајќи ги Обама и Ди Каприо, кои имаат сопствени фондации кои се борат против климатските промени, го опишаа глобалното затоплување како најголема закана за идните генерации.

Но, според италијанските медиуми, посетителите на кампот на Гугл ќе искористат 114 приватни авиони за транспорт до настанот. Според пресметките на „Њујорк пост“, 114 приватни летови од Лос Анџелес до Палермо создале 100.000 килограми јаглерод диоксид во воздухот.

Освен претходно споменатите познати личности, во кампот на Гугл пристигнале и пејачот Хери Стајлс, Орландо Блум, Стела Мекартни, Бредли Купер, Ник Џонас, Пријанка Чопра, а според информациите поканет бил и основачнот на Фејсбук, Марк Закерберг.