Прилепчанката Лилјана Ристеска трпеливо и многу посветено создава уметнички дела. Сликарството отсекогаш ѝ било голема љубов, но поактивно почнала да твори веднаш по пензионирањето. Работи пејзажи и мртва природа во акрил и масло на платно.
Уметницата посочува дека конечно ѝ се остварила желбата да им се посвети на платното, на боите и на четките, оти додека работела како правничка во Агенцијата за вработување немала слободно време.
– Желбата за цртање и за сликање се јави уште во гимназиските денови. Завршив правен факултет и се вработив во Агенцијата за вработување, но желбата за уметноста и сликарството остана моја љубов. Претходно немав многу слободно време, но желбата тлееше да им се посветам на платното, на боите и на четките – вели Ристеска.
Пејзажите на Лилјана Ристеска се одликуваат со стабилна конструкција и перспектива. Јасно е воочлива нејзината посветеност на обработката на деталите, кои во суштина ја нагласуваат и водат нарацијата на композицијата.
– Реализмот за мене е посебен правец во уметноста. Секогаш ме привлекува реалната слика, сакам да доловувам детали, да создавам сенки. Кога сликам, целосно сум внесена и ѝ се посветувам на уметноста – истакна уметницата, која пред извесен период ја реализира и првата самостојна изложба во Прилеп. Ристеска вели дека додека може ќе твори, ќе создава уметност, затоа што тоа ја прави среќна и спокојна.