Рок-музиката создаде млади, креативни и иновативни творци, кои беа вистинска борбена фаланга
На почетокот на овој серијал напишав дека содржински тој всушност е социолошка анализа за едно генерациско доживување. Еден вид мој светоглед за рок-музиката како културен и уметнички феномен. Досега многу повеќе пишував за рокот како авангардна музика. Музика за бунт на младата генерација. Сепак, есенцијата на тој бунт беше содржината на самите рок-песни. Ред е нешто повеќе да се напише во тој контекст. Значи, следува фокус кон рокенрол-текстот, проследен од рокенрол-звук. А тој текст, таа содржина, ако сакате и есенција, е всушност рокенрол-поезијата. Да. Токму така. Рокенролот како инспирација и начин на живот, пред сѐ е поезија. Музичко размислување и став за животот. Рокенролот е толку посакуваната наша слобода. Ние можеме да слушаме што било друго. Да гледаме, исто така. Дури и да сакаме нешто што нема врска со музиката. Ама секогаш, ама буквално секогаш рокенролот ќе избива некаде во/од нас, и ќе ни го бои животот со боите на рокенрол-ѕуницата. Некој веќе прашува зошто? Одговорот е едноставен: животот е рокенрол. Во магијата на звукот и испеаниот стих се наоѓаат моќ, снага, енергија, занес, бес, љубов, чувствителност, истенченост на духот, просветленост и продуховеност. Нераскинлива поврзаност, слеаност на изведувачите, на рок-трубадурите и на обожавателите, публиката што неуморно ги голта музичките акорди и поетските стихови со нив.
Потврда за изнесените тврдења се музичките господари, кралевите на рокенрол-провокацијата – Боб Дилан, Леонард Коен, Џим Морисон, Џон Ленон, Дејвид Бови, Лу Рид, Џими Хендрикс, Нил Јанг, Брус Спрингстин, Боб Марли и многу други рок-поети од светската рокенрол-сцена. Но и Џони Штулиќ и Бора Ѓорѓевиќ, од нашето опкружување, поточно од поранешната југословенска сцената. Пред што било друго да се напише за овие музички ѕвезди, треба да се нагласи дека голем број врвни рок-музичари поседуваат „уметничко образование“, кое не е толку безначајно за разбирањето на нивната специфична и специјална положба. Вообичаено тешко се одредува специфичното класно потекло на рок-музичарите. Да се биде рок-музичар, на почетокот значеше да се биде одвоен од својата класна припадност. Или доколку рокот е начин да се премине од работничката класа во редовите на богатите, тоа е и начин да се излезе од средната класа и да се тргне кон боемските слободи. Една од највпечатливите социолошки карактеристики на британските рок-музичари, особено на оние што се појавиле во раните 1960-ти години, е нивното школување во уметнички школи (Џон Ленон, Кит Ричард, Пит Таузенд, Џими Пејџ, Ерик Клептон, Дејвид Боуви, Реј Дејвис) што покажува во која мера овие школи претставуваат вообичаен дел од нивните кариери во рок-музиката. Со рок-музичарите од САД приказната малку е поинаква. Сите тие до еден се „деца“ на неповторливите бит-мистици, Керуак, Гинзберг, Бероуз, Корсо, Снајдер, Ферлингети, но и на поетите/писатели генијалци како Мелвил, Витман, Андерсон, Селинџер, Џојс, Блејк, Рембо.
Така, рок-музиката создаде млади, креативни и иновативни творци, не само во неа туку и пошироко во другите уметности, кои беа вистинска борбена фаланга на рок-ѕвезди, кои на младите им сервираа радикално напредни идеи за пркос, бунт и промена на незадоволителната состојба во општеството. Еден таков пример е Боб Дилан. Тој прв проговори во рок-музиката со глас на самосвесен уметник. Неговиот опус има голема книжевна вредност. Тој е еден од неколкуте најзначајни американски поети од втората половина на 20 век. Успеа во својата рок-поезија да спои мноштво на различни влијанија: од Европа на него влијаеше Рембо, а од САД, Гинзберг. Кај него е изразено и фолклористичкото влијание, најмногу од кантри и блуз-музиката. Дилан е поет што во своите рок-балади го забележа и обележа своето време, времето на бунтовната беби бум генерација. Кога ги читаме, или слушаме неговите песни, ние го гледаме 20 век каков бил: турбулентен, противречен, хистеричен, параноичен, циничен, немилосрден. Но го гледаме и како век на очајничка и гневна убавина и возвишеност.
Сотир Костов