Организацијата за животна средина на Леонардо ди Каприо донираше 5 милиони долари (4,1 милиони фунти) за да им помогне за обнова на дождовните шуми во Амазон по пожарите коишто избувнаа изминатиов период.
„Earth Alliance“ ќе ги даде парите на локални групи и домородни заедници кои работат на заштитата на Амазонија. Бразилската вселенска агенција објави дека оваа година имало над 75.000 пожари низ Бразил, во споредба со 40.000 лани.
-Со уништувањето на амазонските дождовни шуми се уништува и еко-систем кој апсорбира милиони тони јаглероден диоксид секоја година и е еден од нашите најдобри одбрани против климатската криза, се вели во соопштението на организацијата.
„Earth Alliance“ беше основана во јули од Леонардо ди Каприо и од двајца други филантропи, со цел заштита на дивиот свет, климата и на правата на домородните луѓе.
-Длабоко сум загрижен за кризата во Амазонија, која ги загрозува климатската рамнотежа и тамошните биодиверзитет и домородни луѓе, напиша Леонардо ди Каприо на Инстаграм.