Авион на компанијата „Саутвест“ на летот од Сиетл за Далас морал да се врати откако екипажот на авионот открил оставено срце за трансплантација, пренесуваат американските медиуми.
Авиокомпанијата објави дека срцето е превезено од Калифорнија во Сиетл, каде што требало да заврши во болница за да се искористат срцевите залистоци. Но, никогаш не било истоварено од авионот и тоа било откриено кога леталото било на речиси половина пат до Далас. Настанот се случил во неделата.
Патниците биле шокирани кога пилотот ги известил дека мора да се вратат на аеродромот од каде што полетале, по веќе поминати 950 од вкупно 2500 километри. Летот вкупно траел три часа.
Доктор што бил меѓу патниците, за „Сиетл Тајмс“ изјавил дека станува збор за „страшен случај на огромна неодговорност“.
Според наводите на стручњаците, срцето сепак во рокот во кој може да се искористи пристигнало во болница.