„Ајсхотел“ во Јукасјарви, Шведска, е дефинитивно еден од најстудените хотели во светот, а неодамна беше претставен и новиот апартман. Апартманот наречен „Сон на летната ноќ“, кој содржи цветни елементи и други растенија, е дизајниран од принцот Карл Филип Бернадот и неговиот деловен партнер Оскар Килберг. Бернадот и Килберг велат дека нивната цел е да ја покажат прославата на летната краткодневица, еден од најпознатите празници во Шведска.
– Има ли подобар начин да се покаже убавината на мразот отколку кога најубавите цвеќиња се вклопуваат во арктичката средина? Скандинавската природа што нѐ опкружува игра голема улога во нашата култура – велат тие.
Инаку, ледениот хотел е отворен во 1989 година и оттогаш се гради и реновира секоја зима. Пред пет години беше отворен „Ајсхотел 365“, постојана локација во состав на хотелот, опремена со технологија за ладење на соларна енергија. Отворен е преку целата година, има бар, уметничка галерија и неколку апартмани.
Според податоците од официјалната интернет-страница, температурата во внатрешноста на хотелот се движи од -5 до -7 степени Целзиусови. Гостите добиваат вреќи за спиење и мора да посетуваат курс за преживување за да се приспособат на оваа ледена средина.