Британската кралска ковачница издаде монета во чест на великанот Фреди Меркјури и на групата „Квин“. Всушност тоа е првата метална пара што излезе од планираната серија „Музички легенди“.
– Ова е еден од големите денови за сите нас. Кога почнавме да свириме, дури и првото скалило кон успехот и препознатливоста ни изгледаше неверојатно и незамисливо. Да се биде дел од група што е почестена и препознаена на овој начин, за нас е многу трогателно – изјави гитаристот на „Квин“, Брајан Меј.
Монетата ја креирал дизајнерот Крис Фејси, голем обожавател на „Кралицата“.
– Мојот прв спомен поврзан со „Квин“ е мојата средба со песната „Bohemian Rhapsody“ во филмот „Светот на Вејн“, оттогаш сум нивни голем обожавател – изјави Фејси за британските медиуми.
Монетите не можат да се користат за купување, но можат да се набават во разни форми. На пример, почетната цена за една паричка со логото „Квин“ засега е 16,89 долари, а најскапата монета од злато чини 2.624 долари.