Последната епизода на серијата „Пријатели“ беше прикажана во 2004 година, но тоа не е пречка и денес да биде во центарот на интересот на гледачите во целиот свет. Среќната вест за сите обожаватели на култната серија е дека неодамна излезе и книга во која може да се прочитаат досега необјавени факти и тајни за „Пријатели“. Насловот е „Генерација пријатели: поглед во серијата што ја дефинира телевизијата“, а дело е на историчарот Саул Аустрелиц, стручњак за поп-култура.
За потребите на книгата, тој ги интервјуирал творците на серијата, писателите, продуцентите и глумците.
Оваа книга ги враќа сите обожаватели на серијата директно на портокаловиот кауч во кафулето во Централ парк во Њујорк. Во неа авторот открива десет најпознати моменти во серијата. На пример, да го немало Дејвид Швимер (Рос Гелер) и една ситна грешка во интерпретацијата, ќе го немало ни шокантното финале на четвртата сезона. Секој посветен обожавател на „Пријатели“ знае дека епизодата кога Рос се венчава завршува во мигот кога тој, наместо името на невестата, го изговара името на Рејчел.
Според зборовите на писателот на книгата, продуцентите и сценаристите немале идеја како да ја заокружат четвртата сезона, сѐ додека Дејвид Швимер не ги инспирирал со својата погрешно изговорена реплика, во една од првите епизоди на четвртата сезона. Имено, додека го учеле сценариото, тој рекол. „Рејчел, таксито пристигна“ наместо да го каже името Емили. Тогаш, продуцентот Грег Малинас дошол на идеја како да ја заврши сезоната.
– За некој што навидум живее стресен живот, Рос во моментот кога греши е максимално прибран. Кога неговите усни ја изговара вистината што остатокот од неговата личност не сака да ја признае, тој запаѓа во состојба на задоволство и смиреност – напишал Аустрелиц за оваа сцена, која на извесен начин ја обележи серијата „Пријатели“.