Пред да почне да изработува кукли, Ејми Јандришевич била социјална работничка во
детското онколошко одделение во една болница. Таму работела со куклена терапија, но со текот на времето забележала дека куклите што ги користела не одговарале на реалноста околу неа, затоа што не ги доловувале животите на децата со кои таа работела на одделението.
Сфатила колку е тешко за едно дете да разбере колку е убаво додека сè што ги опкружува не им укажува на тоа. Така, таа почнала да изработува посебни детски кукли. Кога сè поголем број родители дознале за нејзината работа, почнале да нарачуваат специјално изработени кукли за нивните деца.
По четири години, изработувањето кукли прерасна во мисија за Ејми и веќе има свој бренд „Кукла како мене“. Во овој период успеала да изработи 300 кукли, а веќе има и листа на чекање. За изработката на секоја кукла потребни се 100 долари, но среќата и радоста на децата да добијат кукла што изгледа токму како нив се бесценети. Поради оваа причина, Ејми сака да најде начин сама да ги покрие трошоците за родителите што не можат да си дозволат 100 долари. Таа почна кампања за собирање средства со која се покриваат трошоците за изработка и испорака, па така нејзиниот бренд може да прерасне во непрофитна организација.
Таа веќе има стапено во контакт со детски болници каде што децата ќе можат да добијат персонализирана кукла. Досега се собрани 23.000 од предвидените 25.000 долари. Нејзината цел е родителите да ги добиваат овие кукли бесплатно затоа што се неопходни за добросостојбата на нивните деца.
Ејми вели дека „ако психичкото здравје се смета за неопходен дел од медицинската
терапија, тогаш куклената терапија има главна улога“. Покрај тоа што куклите се
изработени според етничката припадност, разликите во екстремитетите, разни белези по телото и други здравствени аспекти, Ејми сака да прави кукли и според интересите на децата.
Почнала прво да прави кукли со различни екстремитети и дланки, албинизам, белези од раѓање и лузни од изгореници, но сега веќе ги изработува сите можни различности.
Ејми вели дека секоја од куклите има своја приказна. Родителите на овие децата обично го раскажуваат своето позитивно искуство од терапијата со персонализираните кукли. Од една страна, тие ги претставуваат децата, а од друга страна, видливо шират добрина и прифаќање.
Ејми е херојка за овие деца.
Превод: Билјана Здравковска