Гавни ѕвезди на десеттото, јубилејно издание на Фестивалот на музика од светот, чиј организатор е Центарот за култура во Битола, а што ќе се одржи од 16 до 18 ноември, се членовите на групата „Фламенко Екос“ од Куба. Фестивалот ќе го отвори македонската група „Синтезис“, публиката ќе може да види и еден џез-квартет од македонски музичари.
Групата „Фламенко Екос“ е основана во 1999 година од искусна група танчари и музичари, кои се посветени на уметничката продукција, проучувањето и промоцијата на фламенко-уметноста. Неговите уметници поседуваат високо техничко и експресивно ниво како и препознатлив талент и технички се обучени од извонредни педагози, танчари, кубански кореографи и личности, кои се занимаваат со фламенко како: Кристина Хојос, Ева Јербабуена, Маноло Марин, Израел Галван, Хавиер Барон, Герардо Нунезес, Сегундо Фалкон, Антонио Коронел, Хуан Хозе Амадор… во рамките на семинарите за фламенко во Хавана, организирани од Кубанскиот национален балет и Андалузиската хунта.
Од 2009 година, првата балерина и кореографка, уметничка директор и основачка, Ана Роса Менесес и музичарот, пејач, музички директор и основач, Мигуел Чавез, почнуваат свесно креативно пребарување низ шпанскиот и кубанскиот свет и откриваат нови експресивни и уметнички полиња, покажувајќи резултат од истражувачкиот процес што резултира со вградувањето јоруба, кантри-музика и танцови елементи од популарната музика на Куба и различни жанрови на фламенко.
Групата „Фламенко Екос“ ќе настапи на третиот фестивалски ден, 18 ноември.
Инаку, на Фестивалот на музика од светот, што важи за една од најпосакуваните и најпосетувани музички манифестации во Битола, досега настапиле: Ричард Галијано, Наташа Атлас, Васил Хаџиманов, Каролина Гочева, „Фолтин“, Тереза Салгуеро, Карсу Домнез, Исмаил Лумановски и други.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и од општината Битола.