Неодамна во Белград беше основана фондацијата „План Б“, со цел да им се помогне на професионалните музичари. И веднаш, оваа иницијатива ја поддржаа многубројните регионални музичари, меѓу кои се и: македонските Влатко Стефановски и Тамара Тодевска, како и Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле од „Ван Гог“, Драги Јелиќ од „ЈУ група“, Бајага, Дадо Топиќ, Дејан Цукиќ, Ален Исламовиќ, Горан Шепа Гале од „Кербер“, Маја Сар…, како и Миа Димшиќ, нова голема регионална ѕвезда.
Со цел што побрзо да профункционира Фондацијата, првиот човек на „Кроација рекордс“ – Желимир Бабогредац вчера во Белград веќе ја врачи првата поголема донација, чекот од 1.500.000 динари (околу 13.000 евра), што претставува донација на „Кроација рекордс“ и „Тесла мјузик“, кои, меѓу првите ја препознаа хуманитарната иницијатива и ангажман на Фондацијата.
Музичарите Звонимир Ѓукиќ и Драги Јелиќ веќе ги снимија своите синглови „Зрно чаролије“ и „Загледан“, кои ќе се најдат на албумот „План Б“, додека Миа Димшиќ со истата цел штотуку ја реализираше својата нова песна.
Фондацијата „План Б“ ја основаше Зоран Коневиќ од „Тесла Мјузик“, кој живее и работи во Торонто, Канада, и со години наназад им помага на колегите. Тој им се обрати на присутните преку видеолинк, на доделувањето на донацијата.
– Му благодарам на Желимир Бабогредац на партнерство и на пријателство. Заедно сме посилни. Оваа донација, која е почеток, нека им помогне на луѓето, и ним да им го разубавиме животот – рече Коневиќ.
„Кроација рекордс“ ги поддржува хуманитарните проекти во годината во која одбележува 75 години постоење.
– Соработката меѓу Фондацијата План Б и „Кроација рекордс“ е сосема природна и очекувана. Во годината кога Кроација Рекордс одбележува 75 години постоење, нашата мисија е да ги подржиме вакви хуманитарни проекти – истакна првиот човек на „Кроација рекордс“ Желимир Бабогредац.