Американската астронаутка Кристина Кок го надмина рекордот и стана првата жена што 289 дена во континуитет престојувала во вселената, соопшти НАСА.
Пристигнувајќи на Меѓународната вселенска станица на 15 март 2019 г., Кок го надмина 288-дневниот рекорд поставен од Пеги Витсон.
– Ова е прекрасна работа за науката. Ние гледаме уште еден аспект на тоа како човечкото тело функционира под влијание на микрогравитацијата на подолг временски период и тоа е навистина важно за нашиот иден план за вселенски летови кон Месечината и Марс – изјави Кок за Си-ен-ен.
До моментот кога таа треба да се врати на земјата во февруари, ќе помине 328 дена во вселената, а тоа се само 12 дена помалку од рекордот на пензионираниот астронаут Скот Кели, поставен во 2016 година. Досега повеќето мисии на Меѓународната станица траеле околу шест месеци.
Во октомври лани, Кок успеа да сруши уште еден рекорд со изведување на првата исклучиво женска „прошетка“ надвор од Меѓународната вселенска станица, заедно со астронаутката Џесика Меир.