Во планинското одморалиште на Хималаите е извршено убиство, а еден пар не е баш расположен да се започне истрага за злосторство. Приказната е базирана на романот на најпозната писателка на крими приказни во светот. Тоа е сè што индискиот режисер Вишал Бардвај е подготвен да открие за новиот филм, кој ќе се снима според романот од Агата Кристи, кралицата на крими-приказни, пренесува Би-би-си.
Ова е првпат компанијата „Агата Кристи Лимитед“, основана од Агата Кристи во 1955 година, која управува со нејзините литературни и медиумски права да издаде дозвола за употреба на нејзините приказни на индиски режисер.
– Направени се многу адаптации низ целиот свет, и секоја земја носи уникатен поглед на делото. Не се сомневам дека и тука ќе биде исто – вели Џејмс Притчард, правнук на Кристи и генерален директор на компанијата „Агата Кристи Лимитед“.
Педесет и петгодишниот Бардвај е еден од најавангардните режисери во Индија. Тој, освен што е филмски режисер, е и сценарист, продуцент, музички композитор и пејач. Бардвај е познат по својата работа во индиската кинематографија и е добитник на седум Национални филмски награди во четири категории.
Во изминатите две децении тој режираше и продуцираше 15 филмови, вклучително и три современи адаптации на драмите на Шекспир, „Макбул“ базиран на „Магбет“, „Омкара“ на „Отело“ и „Хајдер“ на „Хамлет“, кој има култен статус меѓу обожавателите.
По премиерата на „Омкара“, Питер Бредшо, филмски критичар за „Гардијан“, напишал дека пренесувањето на Отело во модерно феудално индиско село се чинело „соодветно затоа што секогаш му се чинело дека Боливуд со својата љубов кон искрената фантазија и романса, честопати по стилот наликува на шекспирова драма“.
Во приказните сместени во феудални поседи и мрачниот свет на банди, Бардвај го комбинира раскажувањето на приказната со популарна традиционална музика. Тој ја започнал својата кариера како музички композитор. Неговите филмови честопати ги кршеле клишеата на Боливуд со изгубени и отуѓени браќа, љубовни приказни, одмазда и откуп.
Бардвај од средината на јуни живее во куќа во планинскиот град Мусуријах за да ги избегне строгите мерки поради пандемијата со ковид-19 кои биле воведени во Мумбај, каде што претежно живее и работи.
Сега тој интезивно работи на сценариото според романот на Агата Кристи, за кое се надева дека ќе го заврши за два месеци и ќе започне со снимање на филмот на почетокот на следната година.
Поголемиот дел од филмот ќе се снима во ледените градови на Хималаите, а Бардвај вели дека ги обожава „суровите планински зими“. Бардвај, кој го поминал детството во северниот индиски град Мирут, вели дека отсекогаш бил „зависник од криминалистичка литература“.
Тој ги „проголтал“ романите на Агата Кристи во средно училиште, а омилени му се „Убиство по азбучен ред“, трилер за сериски убиец кој убиваше во Велика Британија во 30-тите години на минатиот век и „Убиство на Ориент експрес“, крими приказна сместена во луксузен воз заглавен во снегот.
„Евтини приказни“ на Квентин Тарантино беше еден од филмовите што го инспирирале да започне со режија, а „Јажето“ на Алфред Хичкок, возбудлив криминален трилер снимен во долги непрекинати кадри, сè уште е еден од неговите омилени филмови.
Иако индиската литература е полна со популарни детективски приказни, Боливуд има разочарувачки лош квалитет кога станува збор за нивните филмски адаптации.