Популарната серија „Пријатели“, која се снимаше од доцните 1990-ти до раните 2000-ти години, денес е сè уште популарна, а креаторката Марта Кауфман неодамна изјави дека би сакала во времето додека го пишувала сценариото за серијата да знаела сè што знае денес. Таа низ солзи изјавила дека би сакала да додаде уште неколку работи во сценариото.
– Посакував да го знаев она што го знам денес. Да можам, би постапила поинаку – објасни Кауфман и додаде дека на снимањата секогаш работел разновиден тим и дека тие не избирале само белци за да работат на сетовите.
Кауфман сега ги следи случувањата во САД, ја набљудува борбата за правата на Афроамериканците и секој ден се прашува што може да направи за да им помогне.
– Имам чувство дека не сум направила доволно. Посакувам да знаев за ова кога првпат почнавме да снимаме и да ја прикажуваме серијата – објасни таа.
Ѕвездата на серијалот Дејвид Швимер претходно оваа година изјави како неколкупати влијаел врз изборот на актерската екипа на серијата.
– Бев свесен за фактот дека не сме сите рамноправни и со години се борев за Рос да се состанува и со жени што не се бели. Една од првите девојки со која излегував во серијата беше од Азија, а малку подоцна излегував и со Афроамериканка. Јас свесно ја турнав приказната во таа насока – изјави Швимер.
Тој додаде дека би сакал да види нова верзија на „Пријатели“ со различна главна постава, велејќи дека меѓу главните улоги треба да се најдат Афроамериканци или Азијци.