Фестивалот „Прилеп џез-викенд“ ќе започне со премиерата на филмот „Џезмен – формата како глагол“ од Велибор Педевски, снимен на локации во Њујорк, Скопје, Белград и во Софија. Ова е документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот
Во организација на здружението за супкултура „ПП џез-фестивал“, на 27, 28 и 29 август на летната сцена на центарот за култура „Марко Цепенков“, ќе биде одржано деветтото издание на „Прилеп џез-викенд“. Поаѓајќи од мисијата на фестивалот: поддршка на домашната џез-продукција и создавање нова џез-публика, комбинирана со актуелните протоколи за ковид-19, програмата на фестивалот е креирана со ангажирање врвни музички бендови и артисти од Македонија.
Фестивалот ќе започне со премиерата на филмот „Џезмен – формата како глагол“ од Велибор Педевски, снимен на локации во Њујорк, Скопје, Белград и во Софија. Ова е документарна сторија за живот посветен на уметноста на џезот. Во филмот учествуваат: Вадада Лео Смит, Реџи Николсон, Реџи Воркмен, Ентони Брекстон, Сесил тејлор, Брендон Рос, Грахам Хајнс, Душан Која Коиќ, Влатко Стефановски, Љупчо Поповски, Тимчо Апостолов, Марко Коловски, Оливер Белопета… По проекцијата на филмот ќе настапи бендот „Скопје џез-инц“, што го сочинуваат: Трајче Велков (труба), Зоран Костадиновски (гитара), Горан Гешовски (бас гитара), Виктор Филиповски (тапани), кои ќе се претстават со свој авторски материјал.
Втората вечер ќе ја отвори квартетот на Оливер Јосифовски и премиерно ќе го проследиме проектот „Fussion deffusion conffusion“, кој содржи оригинални композиции и музички стандарди од егзотичен карактер, измешани со тврд хардрок-звук. Покрај Оливер Јосифовски (контрабас), на сцената ќе ги видиме и Гордан Спасовски (клавишни инструменти), Стефан Миладинов (гитари) и Александар Ванчовски (тапани и удиралки).
Бендот „Светлост“, во кој членуваат: Нинослав Спировски (кларинет / сопран саксофон / тенор саксофон), Кристијан Новковски (тапани / удиралки), Дени Омерагиќ (бас гитара / синтисајзер / електроника), е моментално најактуелниот македонски џез-состав на домашната и на меѓународната сцена. Бендот во 2019 г. го издава албумот „Odron Ritual Orchestra“, кој на светските листи е сместен меѓу петнаесетте најдобри албуми, а во 2020 г. ги реализираат албумите „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“. Карактеристика за музиката на овој состав е дека таа се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретниот проект, а стилските правци се движат од слободен џез, електроакустична музика и построк, до минимализам и амбиентална музика.
Третата вечер ќе почне со новината на годинашниот фестивал, промоција на книгата „Прес енд плеј“ од Ненад Георгиевски. Делото содржи рецензии на албуми, на концерти и фестивалски настапи на изведувачи меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Аплелгрeн, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија саунд систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез-фестивал“, „Офф-фест“ и други.
Следни се „Некст ту сајланс“, музички состав што во својот репертоар вклучува исклучиво композиции од реномираната европска издавачка куќа ECM. Во своите настапи тие изведуваат неколку реаранжирани дела од богатиот опус на Енрико Рава, Карла Блеј, Дејв Холанд, Џим Пепер, Гари Бартон и други. На фестивалот ќе изведат и дел од композициите на новиот албум, кој е во фаза на студиско снимање. Членови на „Некс ту сајланс“ се: Александар Николовски (труба), Филип Димишковски (клавијатури), Драган Стојковски (бас-гитара) и Гоце Наумов (барабани).
Фестивалот ќе го затворат диско постпанк-активистите „Бернајс пропаганда“. Со пет објавени албуми: „Happiness Machines“ (2009 г.); „My Personal Holiday“ (2010 г.); „Забранета планета“ (2013 г.); „Политика“ (2016 г.) „Втора младост, трета светска војна“ (2019 г.), еден ЕП „Ништо нема да не раздели“, безброј концерти на турнеите низ Европа и САД, „Бернајс пропаганда“ се дефинитивно еден од најуспешните и меѓународно признаени андерграунд-музичари. Во Прилеп ќе настапат со следниот состав: Кристина Горовска – вокали, текстови, вокални хармонии, уметничка насока и дизајн, Васко Атанасоски – музика, стихови, бас, гитари, перкусии, аранжмани, продукција, вокал и менаџмент, Дени Крстев – синтисајзер, ритам програмирање, снимање, едитирање и мастеринг, Раде Јордановски – бас и продукциски менаџер и Кристијан Лафазановски – тапани и перкусии.
Оваа година фестивалот „Прилеп џез-викенд“ може да се пофали и со квалитетна придружна програма. Така, на 28 август на локалитетот Врбјанска Чука (кај село Славеј) свој перформанс ќе има „Антоние АВП проект“, а на 29 август на летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“ ќе го проследиме перформансот на Леонард. Влезниците по цена од 100 денари се пуштени во продажба во „Сити тобако центар“ во Прилеп.