Краткометражниот филм е како да раскажуваш виц, мора да има почеток, средина (конфликт) и крај. Или те разбрале и им е смешно или не, трето нема, вели режисерот Игор Христов, кој вечерва, од 8.30 часот, во „Котур“ ќе има проекција на четири свои кратки филмови, и тоа „Ова е нејзината приказна“, „Март“, „Детето на океанот“ и „Глуварче“. Тој е магистриран филмски режисер во Националната академија во Бугарија. Магистрирал на тема „Естетиката на магичниот реализам во киното“.
Како се нурнавте во овој филмски жанр?
– Како и сите млади студенти по филмска режија, првите задачи се краткометражни филмови. Така, нашите ментори нѐ учат во еден краток формат да раскажеме прикаска преку филмскиот јазик. Формата е како да пишуваш хаику-поезија, треба да си јасен, секој кадар е важен за да ги претстави онаа атмосфера и емоција што се најважни за гледачот да ја сфати финалната порака. Засега мислам дека успевам во тоа, обично досега публиката по гледањето на краткиот филм ми споделува дека сака да ја види таа приказна и во рамките на еден игран филм. Тоа значи дека сум им побудил интерес за уште.
Што најчесто сакате да интерпретирате преку вашите дела?
– Она што го сфатив е дека преку моите дела сум социјално ангажиран, тоа може да се глувонемите кловнови во „Глуварче“ или децата сираци во „Детето на океанот“ или девојките што се занимаваат со екстремни спортови во „Ова е нејзината приказна“. Сметам дека кинојазикот има силна моќ да пренесе порака и поради тоа секогаш гледам да ја претставам онаа страна на општеството што е повредена или обесправена, за да им помогнам нивната приказна да биде преживеана од гледачот и со тоа да бидат сфатени и примени во општеството. Пораката што ја праќам преку моите филмови е секогаш искрена, погледната длабоко од душата на главните ликови.
Кој е најдолгиот дел од реализирањето на краткометражниот филм и кој ви е омилен дел од работата?
– Најдолгиот процес од реализирањето на краткометражниот или играниот филм е монтажата, таму се кршат копјата за да биде разбрана една приказна и да биде емоционално силна. Инаку, омилен дел од процесот на правење филм ми е работата на терен по време на снимање, на филмскиот сет се чувствувам најсреќно и највистински. Адреналинот ме држи да сум конкретен и јасен во тие ситуации.
Преку својот објектив ги прикажавте трите инспиративни приказни на Ута, Аргио и Илина. Што ве мотивира да го снимите „Ова е нејзината приказна“?
– Она што ме мотивира да се вклучам како режисер во овој најнов проект е ликовната уметница и алпинистка Илина Арсова. Симпатична храбра девојка, со јасна мисија во животот, која не се плаши да ја покаже и сподели интимната страна на жената и да ја постави рамо до рамо со грубиот машки свет. Илина Арсова е и иницијаторот и човекот идеја на овој проект. Во последните девет месеци успеавме да оформиме заедно еден добар тим, правејќи еден формат на краткометражни документарни портрети што ја покажуваат жената спортист во едно друго, не толку феминистичко светло, туку во пет минути успеваме да ја прикажеме нивната борба со природните стихии, планини, карпи, за да докажеме дека нема разлика помеѓу половите кога станува збор за искачување на еден врв или сон. Природата и психичката концентрација одлучуваат најчесто дали ќе успееш да ја постигнеш својата цел.
Од досегашното ваше искуство, дали имаме публика за краток филм?
– Публика за краткометражно кино сигурно има, но мислам дека тоа што фали е еден филмски фестивал за оваа форма, каде што ќе се прикажат најновите и иновативни приказни од целиот свет, а не само од регионот.