Кортни Кокс ќе ја повтори улогата на новинарката Гејл Ведерс во римејкот на популарниот филм „Вресок“, пишува „Вераети“.
Продукциските куќи „Спајглес медија груп“ и „Парамаунт“ најавија дека снимањето на петтото продолжение на „Вресок“ се очекува кон крајот на оваа година во Вилмингтон, во режија на Метју Бетинтели-Олпин и Тајлер Гилет, а по сценарио на Џејмс Вандербилт, кој е познат по сценаријата за филмовите „Зодијак“, „Мистериозно убиство“, „Чудесниот Спајдермен“…
Првиот филм „Вресок“ беше претставен во 1996 година. Нев Кембел тогаш ја играше улогата на Сидни Прескот, цел на убиецот Гоустфејс, чиј изглед беше инспириран од уметничкото дело„Крик“ на славниот сликар Едвард Мунк.
Наскоро беа снимени и три продолженија во 1997, 2000 и 2011 година, а Кокс глумеше во сите четири филма.
– Не можеме да го замислиме „Вресок“ без Гејл Ведерс. Чест ни е што повторно ќе снимаме со Кортни, едвај чекаме да започнеме со снимањето на новата сага – соопштија продуцентите.