Летово Китино кале во повеќе наврати беше музички епицентар во регионот, каде што свои настапи имаа популарниот Лозано, групата „Паркети“ и други помалку познати групи и солисти, а следната сабота ова култно место ќе биде домаќин на рок-дуото Мартин и Стефан Филиповски, познати како „Некст тајм“.
– Првпат ќе имаме можност да настапиме на Китино кале, локалитет каде што низ времето настапувале и најпознатите музички ѕвезди од поранешната држава, а нам ни припадна честа следната сабота да реализираме успешен концерт. Ќе бидат застапени сите наши нумери постари и понови и секако неизбежните преработки „Нешто ќе те питам бабо“, „Ја излези Ѓурѓо“, „Слушам кај шумат шумите“ и др. Самиот простор и летната сцена се како создадени за големи концерти, тоа ќе биде наша дополнителна инспирација, да дадеме сѐ од себе за на присутните на концертот да им приредиме убава забава. Временските прогнози се поволни и тоа ќе биде можност за уште еден голем музички спектакл – рекоа Мартин и Стефан.