Вечерва, со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи концертна промоција на албумот „Рефлексии“ од Дино Имери.
Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.
Влезот за публика е во 19:30, концертот почнува точно во 20:00.
Дино Имери е веќе етаблирано име на домашната сцена, која третира класична музика. Релативно млад, има само 30 години, а веќе важи за еден од водечките и врвни пијанисти, кој редовно може да го следите на репертоарот на Македонската филхармонија, но и како гостин на странски реномирани куќи. Неговиот труд и посветеност резултираат со постојан развој, па оттука и здравата амбиција за пишување сопствена музика.
Всушност, преку ова издание за ПМГЏЕЗ, сведочиме за неговата трансформација од фантастичен изведувач во извонредно потентен композитор. „Рефлексии“ е негово прво издадено авторско дело, кое веднаш плени со својата кротка флуидност и паметна убавина. Медитативна потрага по сопствен израз, познати и непознати улици и сето тоа без претерана дистанца, отворен за комуникација со слушателот.