Една од најголемите женски регионални ѕвезди во моментов, Амира Медуњанин ќе одржи ексклузивен концерт во Македонија, на 9 август, на сцената на Античкиот театар во Охрид.
– Ова е првиот проект од концертите што ќе ги организираме овој август и септември, под веќе подготвените и одобрени протоколи за организација на концерти во земјава. Капацитетот на Античкиот театар, кој има 2.500 седишта, ќе биде искористен за максимум 1.200 посетители, поради ваша заштита и почитувањето на протоколите преземени за заштита од ковид-19 – велат од продукцијата „Авалон“.
Амира Медуњанин е една од најактивните промоторки на музичкото наследство на Босна и Херцеговина. Нејзината богата дискографија, која ја издава во соработка со познати светски издавачки куќи, постојано добива одлични музички критики. Музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарече босанската Били Холидеј, алудирајќи на начинот на кој Амира си „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нов контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години. Неодамна излезе и нејзиниот најнов студиски албум со наслов „For Him and for Her“, во издание на „Кроација рекордс“, посветен на двете легенди на кафеанската музика Тома Здравковиќ и Силвана Арменулиќ, кој за брзо време стана апсолутен хит на дигиталните платформи, а и во Охрид ќе биде премиерно претставен пред публиката со неколку песни.