Четвртото издание на регионалната конференција за жени „Профемина“, во чиј фокус се жените и сè што е поврзано со нив, ќе се одржи утре во хотелот „Александар палас“ во Скопје.
Во програмата на конференцијата е предвидено дебатно да се зборува за едукативни теми, а ќе учествуваат еминентни стручњаци од областа на убавината, здравјето, медицината, познати дами од земјата и од соседството.
Во рамките на конференцијата е планирано да се реализираат повеќе панел-дискусии и студии на случаи, на кои ќе се дискутира на различни теми, во кои акцентот ќе биде ставен на убавината, негата, здравјето и на сè што е од исклучителна важност за припадничките на понежниот пол.
Некои од темите што ќе се обработуваат се: имаме ли стратегија да го надмудриме времето и да ги прифатиме промените што ги носи тоа со себе, зошто клучот за успехот лежи во самомотивацијата, што сѐ (не) знаеме за имунитетот…
За темите ќе дискутираат повеќе јавни личности, експерти и доктори, а свој придонес, како и секоја година, ќе може да даде и публиката со своите прашања и сугестии.
Програмата на овогодишната „Профемина“ ќе биде збогатена и со присуството на три специјални гостинки кои несебично ќе ги споделат своите искуства. На темата „што сакаат жените“ ќе зборуваат писателката, водителка и уредничка на емисијата „Балканска улица“ Весна Дедиќ, авторката на добро познатите романи „Рингишпил“, „Куферот од Берлин“, „Те нема никаде“ и многу други – Јелена Бачиќ Алимпиќ, како и српската пејачка Наташа Беквалац,која пред македонската публика првпат јавно ќе зборува за сè она што го има обележано нејзиниот живот, како професионалните успеси, така и приватните емотивни подеми и падови.
Во паузите помеѓу панелите и студиите на случај гостите ќе имаат можност да ги посетат многуте поставени штандови, да добијат подароци и да се запознаат со дел од учесниците.
Влезот е слободен за сите што сакаат да дискутираат, прашуваат, дебатираат, да споделуваат мислења и искуства. Конференцијата почнува во 10 часот, а вратите ќе бидат отворени се до 18 часот.