Мистеријатa за индискиот храм
Во Индија заврши судската постапка што привлече големо внимание во јавноста. Ризницата на храмот „Падманабхасвами“, проценета на 22 милијарди американски долари, му е предадена на семејството од поранешното кнежевство Траванкор, иако локалните активисти за човекови права сметаат дека кнежевското семејство со години ја ограбувало ризницата.
– Кога ја поместија гранитната плоча видовме целосен мрак, тоа беше прекинато само со мал зрак на сонцето што се пробиваше низ отворот на вратата. Погледнав во црниот магацин и видов неверојатен поглед: ноќта ѕвездите сјаеја на небото без месечинска светлина. Дијамантите и другите скапоцености се испакнаа, како одраз на слабото светло што доаѓаше од отворената врата. Поголемиот дел од ризницата беше во дрвени гајби, но со текот на времето дрвото скапало. Скапоцените камења и златото лежеа на правливиот под во купови. Никогаш не сум видел такво нешто во животот – било опишано во извештајот од страна на комисијата, која Врховниот суд ја испратил за да го разгледа богатството пронајдено во храмот „Падманабхасвами“.
Историја на храмот
Храмот бил изграден во 16 век. Тој е постар дури и од кнежевството Траванкор, основано во 1729 година, кое подоцна станало дел од сојузната држава на Индија – Керала. Со векови во тој храм се собирало богатство, кое верниците го носеле како подарок. Со основањето на Траванкор, богатството се зголемило: владетелите воделе успешни војни со соседите и дури успеале да ги оддалечат Британците од источноиндиските компании. Според античкиот обичај, махараџите што ќе дојделе на престолот за храмот донирале онолку злато колку што биле тешки.
Ништо не се сменило ни кога Англичаните го освоиле кнежеството. Махараџите си останувале на чело на кнежевството и уживале доверба од британската круна. Траванкор се наоѓал на крстосница на трговските патишта, така што локалните кнезови продолжиле да се збогатуваат и да го делат приходот од храмот. И приливот на верници во светилиштето не се намалил.
Без оглед на тоа што легендата за богатството на храмот се раширила и подалеку од Керала, малкумина биле оние што се обиделе да го ограбат. Според легендата, неколку стотици отровни кобри биле донесени за да се заштити ризницата на храмот.
Кој крадел од боговите?
Во 1947 година, Индија се стекнала со независност од Британската Империја. Многу индиски кнежевства се соочиле со изборот да им се придружат на муслимански Пакистан или на хиндуистичка Индија. Махараџите на Траванкор биле тие што сакале независност. По долги преговори, тие решиле да ја напуштат власта и да ѝ се приклучат на Индија. За возврат добиле многу привилегии, вклучувајќи ги и титулите на чувари на храмот „Падманабхасвами“.
Поентата е во тоа дека во согласност со индискиот закон, божествата на кои им е посветен храмот можат да ги поседуваат имотот и ризницата. А старателот на храмот на земјата може да располага со ризницата. Така, махараџите од Траванкор биле назначени за старатели на храмот.
Со текот на времето, во кнежеството се појавиле приказни дека махараџите го краделе и го продавале богатството на храмот. И можеби интригите ќе останеле само интриги, ако не беше адвокатот Ананд Падманабхан. Воспитан во религиозно индиско семејство, тој слушал за легендите за богатството на храмот и за тоа како махараџите го ограбувале од година на година. Во 2007 година, тој дури и го тужел водачот на траванкорскиот клан на махараџите, Мартханда Варма, кој во тоа време имал 86 години. Ананд изјавил дека махараџите не можат да бидат добри чувари на храмот, затоа што не водат евиденција за подароците и не ги чуваат. Варма не го доживеа крајот на процесот, тој му помогна на храмот и намири дел од неговите долгови. Генералниот ревизор на Индија отворил истрага, во која се открило дека многу од ризниците навистина биле ограбени. Во светилиштето биле испратени 200 полицајци, кои го чувале храмот 24 часа. Во храмот биле инсталирани и видеокамери за да се зголеми безбедноста.
Според некои процени, во храмот има околу 3 тони злато, додека во цела Индија се проценува дека има 550 тони злато. Во последно време, индиските власти сѐ повеќе се интересираат за оваа тема. Во земја во која речиси 85 отсто од населението живее на работ на сиромаштија, таквото богатство би можело да ја заживее економијата и да ја подобри положбата на граѓаните. За таа цел владата на Неренда Моди создаде и програма преку која златото од храмовите би го привлекле во економијата на земјата. На храмовите им било предложено своите вредности да ги чуваат во банките. Меѓутоа, таквиот предлог предизвика гнев кај конзервативните верници, кои веруваат дека златото им припаѓа на боговите.
Моментална победа
Судската постапка заврши во корист на поранешното кнежевско семејство. Индискиот суд како чувари на ризницата на храмот „Падманабхасвами“ ги постави поранешните махараџи. Актуелниот претставник на семејството Свати Тирунал, Рама Варма, вети дека наскоро ќе се формира посебен комитет за зачувување на ризницата, бидејќи богатството им припаѓа само на боговите. Но прашање е дали ова е крај на приказната, со оглед на тоа дека има многумина што се незадоволни од одлуката на судот.