Италијанската комедија „Гостинот“ во режија на Дучо Кјарини од средата се прикажува во Центарот за култура во Неготино. Филмот од саботата е и на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје, а на 15 декември ќе биде прикажан и во центарот за култура АСНОМ во Гостивар од каде што продолжува и низ други градови низ републиката.
Италијанскиот актер Даниеле Паризи го игра главниот лик во оваа забавна комедија на Кјарини, кој беше номиниран за наградата на списанието „Варајети“ на Филмскиот фестивал во Локарно. „Гостинот“ ја обработува темата за стравот од обврска, па дури и носење големи одлуки на луѓето во доцните 30-ти и раните 40-ти, нешто што предизвикува голема фрустрација во сите романтични врски.
Филмот е италијанско-швајцарско-француска копродукција и трае 94 минути.
Гвидо мислеше дека води некомплициран живот, сè додека едно зимско попладне не доживее ненадеен шок од неговата девојка Кјара. Гвидо е принуден да го спакува куферот и да го напушти нивниот стан – но каде да оди. Тој ги замолува своите родители и пријатели да го примат и така почнува да преспива на нивните каучи прифаќајќи ја улогата на сведок на нивните секојдневни животи и нивните различни романтични аспекти…
Дистрибутер е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата на филмот е поддржана од Министерството за културно наследство и туризам на Италија, во соработка со институтот „Луче Чинечита“ и „Аника“.