Со ваквите награди, „Редрес“ сака да биде инспирација за да се вложи повеќе во образованието на дизајнерите, за понатаму да има работна сила што ќе биде свесна за одржливоста на модата и ќе ја води модната индустрија
Новинарката Кристина Дин, која има пишувано за сè, од човековите права до јавното здравство, во 2005 година, истражувајќи и разговарајќи со различни луѓе што се обидувале да најдат избалансирана перспектива, дошла до уникатно сознание за влијанието што може да го има модата врз животната средина.
– Тогаш бев шокирана кога сфатив дека толку малку се прави за да се реши проблемот со одржливоста. Се чувствував разочарано од недостигот од еколошка свест – рече Дин во изјава дадена за „Еуроњус ливинг“.
Поради таа причина, во 2007 година ја основа „Редрес“, невладина организација со мисија да го намали отпадот и да го промовира циркулирањето на модата. Како што ветувањата за циркулирање се покажаа како решение за подобрување на животната средина, така Дин се надева и дека сѐ повеќе дизајнери ќе тргнат по тој пат.
– Се чини дека циркулирачката економија е невозможна. Нашата работа ги едуцира и им овозможува на индустријата и потрошувачите доколку сакаат да постигнат остварливи резултати и активности да работат за одржливост на работите – вели Дин.
Откако сфатила дека ќе треба многу да се направи за да се едуцираат дизајнерите пред да станат лидери во индустријата, „Редрес“ го промовира најголемиот светски натпревар за еколошка или одржлива мода – „Редрес дизајн авордс“.
– Се проценува дека 80 отсто од влијанието врз животната средина на еден производ се утврдени уште во фазата на дизајнирање. Ние забележавме недостиг од пристап до образование кај новите дизајнери – објаснува Дин.
Таа се надева дека наградите ќе предизвикаат јаз во образованието создадено од брзорастечката природа на менување на модата. Со ваквите награди, „Редрес“ сака да биде инспирација за да се вложи повеќе во образованието на дизајнерите, за понатаму да има работната сила што ќе биде свесна за одржливоста на модата и ќе ја води модната индустрија.
– Затоа на едукацијата на младите дизајнери гледаме како чин на активизам за животната средина – вели Дин.
Годинашната победничка на „Редрес дизајн авордс“, Меди Вилијамс, која дипломирала на Колеџот за уметност во Единбург, е помлада дизајнерка во „Пентленд брендс“. Нејзината колекција наречена „Ожалостените“ била инспирирана од чувството за уништување на природните системи. Говорејќи за својата колекција, таа вели дека била под влијание на богатството од колективното човечко знаење.
– Колекцијата претставува спој на сето она што е спасено од „пепелта на човештвото“, мислејќи на ожалостениот фустан и боговите на смртта од целиот свет, вештерките што гореле на клади поради нивните познавања за природниот свет, групи активисти што се бореле да го спречат крајот на цивилизацијата и античките занаетчиски техники – објаснува Вилијамс.
На победничката на натпреварот ѝ била дадена можност да изработи еколошка колекција за малопродажба, која има за цел да даде пристап до реалниот свет на модата.
– Многу е важно талентот да се спои со искуството за да може да се изгради цврста основа за следната генерација. Постојат голема фрустрација и страв во светот на модата во кој треба да работат овие дизајнери. Наградата „Редрес дизајн“ им дава надеж за да му ја покажат на светот новата ера на модата – вели Дин.
Според неа, станува збор за нешто повеќе отколку да барате идеална иднина за екомодата.
– Жирито се обидува да го разбере концептот на секој од дизајнерите што учествуваат, како и достапноста на нивните колекции на пазарот. На крајот на краиштата, и дизајнот мора да има некаква цел, односно финалистите да имаат некаква одбрана, да стојат зад секој нивен направен избор – истакнува Дин.
Годинава на натпреварот се појавија стотици дизајнери од 43 земји со колекции инспирирани од нивната естетика, како и од креации произлезени од циркуларната економија. Но иако се чинело дека нивните можности за разновидни концепти се ограничени, сепак ткаенините со кои се служеле учениците биле разновидни, како и нивните стилови. Од индиско сари, преку постелнина, па до униформи за работа, сите избрале различни отпадни материјали со кои работеле. Победничката по избор на публиката, Мораја Ардила од Израел, изработила облека со преработување на материјалите од неисправни шатори и вреќи за спиење.
Спојувањето на одржливоста и модата претставувало природен пар за победничката Вилијамс, како што нејзината свесност за климатските промени растела заедно со стекнувањето на нејзиното дизајнерско искуство.
– Можеби ќе звучи како клише, но гледањето на филмот „Вистинската цена“ навистина ме поттикна и ми ги отвори очите за сите проблеми со кои се соочува модната индустрија. Ако промените не се направат навреме, сегашниот модел на индустријата ќе пропадне под притисок на климатската катастрофа. Тогаш воопшто нема да се грижиме за одгледувањето на памукот, кога нема да можеме да одгледуваме храна – истакнува младата дизајнерка.