Иноватор е љубопитен човек што поставува прашања и потоа бара одговори и решенија. Потребни се визија, истрајност, темелно проучување, но и некој што ќе го прифати вашиот изум и ќе го реализира. Еден од најпродуктивните домашни пронаоѓачи, Јоти Поповски, своите изуми ги реализирал во целиот свет. Тој е троен добитник на престижната награда од „Енерџи глоуб“, а неговата експериментална пречистителна станица е инсталирана низ целиот свет, од Кондово (Скопје), па сè до Антарктикот. За неговиот бурен и продуктивен живот и најзначајните иновации пишува во својата автобиографска книга „Животниот пат на иноваторот“, која е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“.
Вели дека книгата „Животниот пат на иноваторот“ ја напишал по инсистирање на неговата фамилија, да остави пишано сведоштво за неговиот живот.
– Се нафатив да ја пишувам оваа книга, иако не сум писател. Зар не може да пишува секој што ги има завршено сите фази од образованието? Немам претензии да пишувам како искусен писател. Но сакам да ги опишам моите случки и настани од животот и моите најзначајни изуми што, според кажувањата на многу мои познајници и пријатели, заслужуваат да ги знаат и други – вели тој.
Освен автобиографската нишка, книгата е наменета за сите идни млади македонски пронаоѓачи, иноватори, кои смета дека ги има многу во нашата земја. Тој им порачува „да не се откажуваат од своите идеи и нивните остварувања и по цена на многуте тешкотии со кои ќе се соочат во својот живот“.