Британската актерка Кира Најтли изјави дека веќе нема да снима интимни сцени доколку филмот е во режија на мажи. Најтли ја соопшти својата одлука во разговорот со режисерката Лулу Ванг и продуцентката Дајан Солвеј на подкастот „Шанел Конектс“. Таа меѓу другото вели дека не е заинтересирана да биде дел од „ужасните сексуални сцени каде сите се намачкани со масло и воздивнуваат“ и дека повеќе не сака да се разголува на филм, освен ако не раскажува приказна за мајчинство и за прифаќање на телото онакво какво што е, пренесуваат светските медиуми.
– Поради тоа за интимни сцени можете да користите некој друг, бидејќи јас сум многу суетна и родив две деца, така што не би сакала да стојам гола пред група мажи – рече таа.
Најтли во 2018 година објави есеј во кој ги критикува своите колеги од филмската индустрија.
– Тие ми кажуваат што е да се биде жена. Бидете пријатни, бидете поддршка, бидете убави, но не премногу убави. Бидете слаби, но не премногу слаби, бидете секси, но не премногу секси, бидете успешни, но не премногу успешни… Јас само сакам да го работам и да го правам тоа што го сакам. Зборувајте, слушајте, разговарајте, машкото его тргнете го на страна – заклучува Најтли.