Во извештајот на Европската агенција за животна средина
Медитеранот е познат по своите исклучително чисти води. Сепак, постои една земја во која можете да бидете сигурни дека водата за капење е чиста како што изгледа.
Европската агенција за животна средина (ЕЕА) неодамна спроведе тестирање на квалитетот на водата на 22.276 области за капење во 27 земји од Европската унија. Албанија, Швајцарија и Велика Британија беа додадени на споменатите земји, пишува „Травел магазин“.
Во објавениот извештај, Кипар убедливо се најде на прво место. Оваа островска земја доби совршен рејтинг од 100%, заслужувајќи ги највисоките пофалби за исклучително високиот квалитет на водата за капење. Всушност, од 112 плажи во земјата, секоја од нив доби највисок, „одличен“ рејтинг.
Генерално, европските води за капење поминаа прилично добро, бидејќи 82,8% од рангираните добија највисок рејтинг. По Кипар следуваат Австрија со 97,7%, Грција со 97,1%, Малта со 96,6% и Хрватска со 96,1% од своите локации кои се во категоријата врвен квалитет.
Извршниот директор на ЕЕА, Ханс Бројнинкс истакна дека добриот квалитет на европските води за капење е резултат на четири децениска работа на спречување и намалување на загадувањето. Законите на ЕУ не само што помогнаа да се подигне целокупниот квалитет. Исто така, значително помогна да се идентификуваат областите каде што треба да се преземат одредени мерки.