Кина ги објави првите фотографии што на Марс ги направи нејзиниот ровер „Џуронг“. Првата фотографија покажува панорама пред роботот лоциран на платформата за слетување, додека втората ги покажува соларните панели на роверот од задната страна. „Џуронг“ слета на Црвената Планета пред неколку дена, со што Кина стана втора земја по САД што успешно спушти сонда на површината на Марс и управува со неа за значителен временски период. Кинеските научници се надеваат дека роверот ќе биде функционален најмалку 90 мартовски дена. „Џуронг“ е ровер со шест тркала, лоциран во Утопија Планитија, терен во северната хемисфера на Марс.
Кинеската национална вселенска управа објави фотографии на својата веб-страница, како и кратки снимки направени во моментот кога капсулата што се користеше за влегување во атмосферата на Марс, го напушти орбитерот Тјанвен-1, сателитот што го носеше роверот од Земјата. Фотографиите од површината покажуваат дека сите процеси по слетувањето биле извршени без никакви проблеми.
Тоа вклучува развој на соларните панели што обезбедуваат енергија за роверот, извлекување антена за комуникација со Тјанвен-1 и контрола на мисијата во Кина, како и обезбедување патека на движење по која наскоро роверот ќе се движи кога ќе започне со својата мобилна мисија. „Џуронг“ е многу сличен на американските ровери „Спирит“ и „Опортјунити“ од 2000-тите години, тежок е 240 килограми, а на високиот јарбол има камери што фотографираат и помагаат при навигација. Пет додадени инструменти се користат за да се испита локалната минералогија на карпи и општата природа на животната средина, вклучувајќи ги и временските услови.
Меѓутоа, за разлика од американските, кинескиот ровер има ласерска алатка што овозможува процена на хемискиот состав на карпите, а има и радар за пребарување на замрзната вода под површината. Кога станува збор за локацијата Утопија Планитија, се верува дека се формирала по удар рано во историјата на Марс. Постојат и некои докази што сугерираат дека некогаш постоел океан, а сателитите сугерираат дека тој содржи мраз под површината.