Подвиг во хумани цели
Триесет и седумгодишниот Лаи Чи-ваи во инвалидска количка, со помош на јаже, се искачил на височина над 250 метри, на облакодер во Хонгконг. Тој десет часови се искачувал со цел да собере пари за лица со повреда на ‘рбетниот мозок, пренесуваат светските медиуми.
Лаи кој останал парализиран по сообраќајна несреќа пред 10 години, од безбедносни причини не успеал да се искачи до врвот на 300 метри високата кула „Нина“ во Хонгконг.
– Бев многу исплашен. Едно е да се качуваш по карпа, каде што можам да се задржувам на камења или процепи, а друго е на стакло. Единствена потпора ми беше јажето на кое бев закачен – изјави Лаи, кој е поранешен азиски шампион во качување на карпа и бил рангиран на осмото место на светско ниво.
Со искачувањето, тој собра 670.630 долари преку донации.
– Некои луѓе не ги разбираат тешкотиите на лицата со посебни потреби. Некои мислат дека ние сме секогаш слаби, дека ни треба помош, милост од луѓето. Сакам да им кажам на сите, не мора да биде така. Ако некое лице со попреченост може да блесне, во исто време може да донесе можност, надеж и да донесе светлина. Не мора да се гледа на него како на некој беспомошен – порача тој.