Минатата година во Кина биле поднесени рекордни 1,54 милион барања за регистрација на патенти, 11,6 отсто повеќе отколку една година порано, бележи организацијата на Обединетите нации за интелектуална сопственост ВИПО. Речиси половина од глобалните барања за регистрација на патенти во 2018 година биле поднесени во Кина, а доминирале подрачјето на телекомуникации и компјутерската технологија, објави ВИПО.
Бројката ги вклучува барањата што во кинеското биро за интелектуална сопственост ги поднеле странски иноватори и компании заинтересирани за заштита на интелектуалната сопственост во азискиот дел. Учеството на тие барања во вкупната кинеска бројка изнесува 10 отсто. На второ место на глобалното скалило се САД со речиси 600.000 барања за регистрација на патенти, 1,6 отсто помалку отколку една година претходно. Нивниот број е намален првпат во изминатите 10 години, напоменуваат во организацијата на ОН. На трето место е Јапонија, со примени нешто повеќе од 300 илјади барања, а на четвртото Јужна Кореја, со нешто повеќе од 200 илјади барања. Петтото место му припадна на Европското биро за регистрација на патенти со примени вкупно 174.397 барања, 20,8 отсто повеќе од лани. Азија го зазеде првото место на глобалното скалило со двотретинско учество во вкупниот број барања за регистрација на патенти. Следуваат САД со 19 отсто и Европа со 10,9 проценти. Иноваторите од целиот свет поднеле 3,3 милиони барања за регистрација на патенти, 14,3 милиони за регистрација на стоковни жигови и 1,3 милион за регистрација на индустриски дизајн.
Кина го зазеде првото место во сите три категории, при што треба да се има предвид дека нивното биро примило ист број барања за регистрација на патенти, како и следните 10 заедно, на глобалното скалило.
– Азија се претвори во глобален центар на иновации – заклучи генералниот директор на ВИПО, Френсис Гури.