Во моментов важи за една од најдобрите нови серии што можат да се гледаат веднаш
На крајот на октомври е објавена серијата „Квинс гамбит“, која за неверојатно кратко време ги освои симпатиите на гледачите. Станува збор за невидена приказна за шаховските генијалци и за свет што досега не сме го запознале. Се базира на роман на Волтер Тевис. Иако станува збор за фантазија, Тевис, кој самиот е шаховски играч, го проучувал светот на шаховските велемајстори, како Роберт Фишер, Борис Спаски и Анатолиј Карпов.
Серијата во седум епизоди носи фиктивна приказна за девојка што во 60-тите години на минатиот век цели кон врвот во играњето шах. Наречена по шаховски потег, серијата го следи животот на шаховското чудо Бет Хармон, чиј талент е откриен од старателот во сиропиталиштето.
Главната протагонистка Бет Хармон е одиграна од генијалната Ања Тејлор-Џој, која се чини дека е новата актерка на сцената, за која ќе читаме во наредните години. Оваа година таа веќе нè почести со улогата во новата „Ема“, последната адаптација на романот на Џејн Остин.
Серијата нè носи во заплетот на самиот почеток, а потоа полека ни го открива коренот на приказната.
Бет како мала останува сама, нејзината мајка загинува во сообраќајна несреќа и таа завршува во сиропиталиште. Во ваква студена средина, таа ги поминува деновите играјќи шах и се развива во вистинско чудо од дете, шаховски генијалец што успева да ги надмине сите противници.
Сепак, како што расте Бет, сѐ поинтензивно се бори со детските зависности и трауми. Нејзината цел е да стане најдобра шахистка во светот, но нејзината емотивна состојба и затвореното, патријархално општество во 1950-тите и 1960-тите години се само некои од пречките со кои таа се соочува.
Со серијата и шахот добива нова димензија во серијата. Токму затоа што малкумина од нас го знаат овој необичен, брутално натпреварувачки спорт, серијата добива мистериозност, таинственост, неизвесност, напнатост. Серијата не се базира на вистински ликови, но шаховските игри се базираат на вистински турнири, скандали и шампиони. Акцентот е ставен на менталната состојба на главната протагонистка, а режисерот Скот Франк ни подготвува цела низа сурови, голи сцени. Во емотивната приказна на Бет, тој внесува лекови за смирување, алкохол, секс и шах како најголема страст, додека истовремено ги прикажува и социјалните проблеми од тој период.
Естетски, станува збор за миниремек-дело на Нетфликс бидејќи расположенијата на серијата „Дамски гамбит“ е дополнета со бои, костими од периодот во кој се одвива драмата и ретросценографија што нè внесува подлабоко во приказната. Во моментов важи за една од најдобрите нови серии што можат да се гледаат веднаш.