Градот Краков во јужна Полска се разбудил со миризба на кафе. Патеките низ неговите живописни паркови покриени со снег биле посипани со талог од кафе. Градските власти донеле одлука да ги посипуваат јавните патеки и улици со талог од кафе наместо со сол или песок, пренесуваат светските медуми.
На својата веб-страница, градот Краков објави и дека користењето на талог од кафе е исто така „попогодно за кучињата“. Претставниците на парковите во Краков, пак, соопштиле дека вообичаено користат околу 75 до 80 тони песок неделно за време на снежните периоди.
Повеќе од 50 кафулиња од Краков одговориле на повикот да го донираат талогот од кафето. Градските власти на Краков биле инспирирани од ваква иницијатива на градови во Скандинавија и посебно од украинскиот град Лавов.
Блогот за екологија „Зелени проекти“ на Полска ги истакна клучните придобивки од иницијативата, кои вклучуваат продуктивна употреба на отпадот, зголемување на квалитетот на почвата, бидејќи талогот дејствува како ѓубриво, а пружа и заштита на шепите на кучињата кои страдаат од солта што обично се користи во зима, за да не замрзнат улиците. Згора, талогот има и пријатен мирис за оние што шетаат во паркот.
Градот сега е во процес на собирање талог од сите кафулиња и ресторани што се пријавиле во подготовката за користење на талогот на споредните патеки во повеќе градски паркови. Доколку се покаже ефикасен, талогот ќе се користи и на главните патеки низ градот и може да стане главна стратегија за одржување на пристапите улици до парковите во Краков во зима.