Катерина Димитровска живее во светот на деталите и боите. Младата битолчанка се занимава со широка палета од уметнички активности, изработува рачно-сликана облека, се занимава со мода, фотографирање и боди-арт, покрај тоа што е студентка на Технолошко-металуршкиот факултет. Во разговорот за „Нова Македонија“, таа дава одговори за нејзиниот хаотичен свет во кој постојано води борба со времето. Нејзините креации можете да ги најдете на нејзината страница на Фејсбук.
Како почнавте да сликате на облека?
– Причината поради која почнав да сликам на облека беше желбата да експериментирам со бои, сликарски техники и со различни видови површини, а текстилот го сметам за една од поспецифичните и попредизвикувачките. Имам многу добри идеи со кои можам да трансформирам некои парчиња облека, а тоа ме поведе на пат каде успешно трансформирам облека и на други луѓе. Со тоа ги правам среќни, а притоа и јас се радувам.
Од каде ја црпите инспирацијата?
– Секој детал може да ме инспирира, така што многу често ми се случува да застанам на случајни места, со случајни предмети, луѓе и суштества и да ги фотографирам, или пак, да ја запишам идејата што ми прелетала низ главата во тој момент. Никогаш не се знае што може да се искористи и да произлезе од тие идеи.
Без што не би можеле да работите во Вашето студио?
– Многу работи се потребни, но покрај материјалите, ако треба да издвојам едно нешто, тоа би била музиката. Без музика во позадина, нема да го постигнам посакуваниот резултат.
На какви проекти имате работено досега и што претставуваат тие за Вас?
– Ќе издвојам два поголеми проекти на кои работев на почетокот на 2018 година и во ноември. Првиот проект е омотот на првиот албум на македонскиот прогресивен метал-бенд Спектрум, што за мене претставуваше прв ваков проект од тој дел на визуелната уметност. Идејата за сликата ја изработивме заедно со бендот, а проектот го претвори моето студио во апсолутен хаос кој траеше месец и половина, но би рекла дека вредеше сиот труд. Во ноември учествував на проектот „Одржлива приказна“ каде што заедно со уште седум дизајнери изработувавме облека од текстилен отпад. Парчињата облека ги правевме индивидуално, на свој начин и со своја идеја, а за да дојдеме до финалниот резултат ги комбиниравме меѓу себе и добивме многу успешни креации. Бевме предводени од Ирина Тошева, која е успешна и препознатлива модна дизајнерка од Македонија, а соработувавме со позната стилистка Ребека Рој и дизајнерот Ана Скодбо од Велика Британија. Процесот беше навистина мачен, но и забавен, проследен со многу непроспиени ноќи и ужасен начин на исхрана. Со овие креации во проектот „Одржлива приказна“, заедно со другите млади дизајнери учествував на „Моден викенд Скопје“ (FWSK).
Кои Ви се најголемите предизвици со кои се среќавате кога работите?
– Најголем предизвик со кој се судирам секојдневно е времето. Многу често посакувам денот да можам да го истегнам повеќе од 24 часа, за да успеам да ги вклопам сите работи кои сакам да ги направам на најдобар можен начин, мирно и прецизно, со љубов и без стрес.
Која е пораката на Вашите дела?
– Секое дело има своја приказна за своето постоење, која му ја вдахнувам додека го изработувам, така што точно и прецизно ги одбирам боите со кои се изразувам, текстурата и деталите. Во глобала, иако секое дело е уникатно само по себе, една карактеристика е заедничка за сите нив, а тоа е дека секое дело поседува некаква контрадикторност во себе, што не секој може да ја забележи.
Кога би можеле да бирате, која супермоќ би ја одбрале?
– Во реалноста, како супермоќ ја гледам професијата што секој од нас си ја избира. Во мојот случај, со тоа што се посветив на сликарството и цртањето си ги истренирав очите да ги забележуваат сите можни нијанси и детали, така што од супермоќи поседувам одличен вид. А за супермоќи надвор од реалноста, би избрала телепортација, дишење под вода и невидливост.
Би престанале ли некогаш со сликањето?
– Можам да кажам дека дефинитивно правам паузи со сликањето, односно не сликам постојано, затоа што имам повеќе активности отколку што имав пред две години, и тоа не е единствена работа на која во моментов можам да се посветам. Но не верувам дека некогаш целосно ќе престанам да сликам, затоа што тоа е активност која ми претставува порта до некој далечен дел во мојата глава до кој не можам да стигнам на поинаков начин, а таму се кријат доста добри идеи и предлози за решавање на некои мои „актуелни“ проблеми.