По Бајага, Петар Грашо и Сергеј Ќетковиќ настапите на Првата регионална церемонија на доделувањето на музичките признанија MAЦ (Music Awards Ceremony), што ќе се одржи на 29 јануари во „Штарк арената“ во Белград, ги потврдија уште три големи ѕвезди од регионот: Каролина Гочева, Жељко Јоксимовиќ и групата „Ван Гог“.
Една од несомнено најголемите ѕвезди во регионот, музичарот Жељко Јоксимовиќ, кој веќе има успех на најголемите европски музички настани, вели дека му е драго што ќе настапи на МАЦ.
– Драго ми е што ќе настапам, затоа што верувам дека ваква манифестација е неопходна и значајна за регионот, како и за поврзување на регионалната музичка сцена. Сигурен сум дека атмосферата и енергијата ќе бидат одлични, ќе има многу добра музика, продукција и придружните елементи ќе бидат на врвно ниво, па затоа ги поканувам сите да ни се придружат во „Арена“ на 29 јануари. Се гледаме – изјави Јоксимовиќ.
Поддршка за MAЦ од Македонија досега стигна од раперите Панчо од „ДНК“ и од поп-музичарите Влатко Лозаноски-Лозано и Димитар Андоновски, а првата потврдена учесничка од Македонија што дефинитивно ќе настапи на бината на „Штарк арена“ на 29 јануари е Каролина Гочева.
Организацијата и продукцијата на MAЦ ги потпишува „Скај мјузик“, од каде што најавуваат дека во наредните денови ќе бидат објавени и имињата на другите изведувачи од Србија, Црна Гора, Македонија, Хрватска и Босна и Херцеговина, кои ќе настапат на свеченото доделување на музичките признанија.