Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), јавното претпријатие „Национални шуми“ и општините Берово и Пехчево, почнува кампања за прогласување на Малешево за заштитен предел.
Целта на кампањата е да се информира и запознае јавноста со тоа што претставува заштитено подрачје и како може да се зачуваат природните вредности, а наедно да се обезбедат економски придобивки од заштитените подрачја. Јавната расправа што ќе се организира, ќе овозможи и активно вклучување на јавноста во процесот на прогласување на Малешево за заштитен предел. Кампањата ќе трае во следните десет дена, а ќе опфати промоција на видеа, илустрации и други содржини.
Регионот Малешево, кој ги опфаќа општините Берово и Пехчево, претставува целина што се истакнува со своето природно и културно богатство, каде што управувањето со шумите е долгогодишна традиција. Малешевијата е област во која природата истурила едно чудо убавини, природни богатства од кои застанува здивот. Борови, дабови и букови шуми, чисти реки, разновидност од цвеќиња и лековити чаеви, многубројни животински видови, традиции, храна.
– Малешево навистина ги исполни сите услови за да стане заштитено подрачје.
Кампањата е поддржана од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, а координиран од „Фармахем“ од Скопје, како и од општините Берово и Пехчево – информираат иницијаторите на кампањата.
Слоганот на кампањата е „Да го зачуваме Малешево за идните генерации!“