Камала Харис како новоизбрана потпретседателка на САД доби насловна страница на американското издание на „Вог“, додека Меланија Трамп како прва дама ниту еднаш не се најде на кориците на познатиот моден магазин.
„Вог“ вчера официјално ја објави насловната страница на Твитер и на Инстаграм. Харис ја фотографираше Тајлер Мичел, кој во 2018 година стана прв црномурест фотограф на магазинот кој прави портрети за насловните страници.
Харис има две верзии фотографии за насловната страница. На едната, таа е фотографирана пред зелена позадина со розова ткаенина. Некои корисници на Твитер сугерираат дека розовите и зелените елементи на фотографијата ги претставуваат боите на „Алфа Капа Алфа“, сестринството на Харис на универзитетот „Хауард“. „Вог“ во својата објава на Инстаграм, ја потврди оваа референца.
На фотографијата потпретседателката Харис носи црн блејзер, бела блуза, црни панталони и патики „Конверс“, стил на чевли што се нејзин имиџ. За оваа фотографија не се согласиле нејзиниот тим и тимот на „Вог“.
Втората фотографија на која Харис е облечена во син костум на Мајкл Корс е онаа што заеднички ја избраа тимот на Харис и тимот на „Вог“, вклучувајќи ја и Ана Винтур, долгогодишната главна уреднчка за американското издание, а сега новоназначена менаџерка на сите изданија во цел свет.
Харис која има 55 години е адвокатка и сенаторка од Калифорнија, и една од најпознатите личности на Демократската партија. Таа брзо стана фаворит за позицијата кандидат за потпретседател кога се откажа од борбата за Белата куќа. Пред да влезе во Сенатот Харис беше министерка за правда на Калифорнија шест години, а пред тоа беше окружен правобранител во Сан Франциско.