Деловните стручњаци од „Директли аплај“ направија фоторобот што покажува како би
можеле да изгледаат за 25 години луѓето што цел живот работеле од дома. Роботот се вика Сузан, а го создаде тим од клинички психолози и фитнес-стручњаци, кои ги утврдиле ефектите на работењето од дома на нашето физичко и ментално здравје

Работењето од дома има голем број предности, како можноста да заштеда на пари за гориво или за јавен превоз. Но ако во текот на пандемијата работите од дома, сигурно сте забележале и некои надостатоци, како на пример болки во грбот. Деловните стручњаци од „Директли аплај“ направија фоторобот што покажува како би можеле да изгледаат за 25 години луѓето што цел живот работеле од дома. Роботот се вика Сузан, а го создаде тим од клинички психолози и фитнес-стручњаци, кои ги утврдиле ефектите на работењето од дома на нашето физичко и ментално здравје. Моделот покажува какво би било влијанието на изолираната работа на нашето тело доколку не ги преземеме потребните чекори да го избегнеме тоа. Еве што можеме да очекуваме.

Синдром на компјутерски вид

Долготрајното гледање во екраните може да предизвика синдром на дигитално напрегање на очите или компјутерски вид. Тоа доведува до суви, воспалени и крвави очи, како и до нивна иритација, црвенило и замаглен вид. Со текот на времето тоа може и да го оштети видот. Иако до ова може да дојде и ако работиме во канцеларија, таму, сепак, повеќе користиме паузи, а освен тоа состаноците не се одржуваат онлајн.

Неправилно седење

Неправилното седење, заедно со недостигот од физичка активност може да резултира со хиперекстендиран врат, заоблени раменици и грчеви, кои со текот на времето ќе станат сѐ поизразени.

Губење на косата

Витаминот Д главно се апсорбира со изложување на сонце, а ако цел ден седите во затворена просторија, телото може да има недостиг од овој витамин, а како последица може да се јави губење на косата, додека нејзиното обновување може да биде многу побавно.

Подочници

Гледањето во екранот во текот на целиот ден може да предизвика на кожата под очите да се појават темни кругови, а по подолг период ќе изгледате уморно. Состојбата може да се влоши ако ги напрегате очите.

Брчки и исушена кожа

Брчките се природен дел од стареењето, но одредени навики, како што е гледањето во екранот цел ден, може да предизвикаат создавање преуранети линии што се формираат под површината на кожата, што доведува до настанување на брчки. Недостигот од витамините Д и Б12 поради намаленото изложување на сончева светлина може да резултира со бледа, сува и неисхранета кожа.

Зголемен стрес

Работењето од дома без колеги и постојаната прекумерна работа во текот на подолг период може да доведе до повисоко ниво на хормонот на стрес, кортизол, кој го зголемува крвниот притисок и штетно влијае на физичкото здравје. Кејт Бриертон, клинички психолог, советува одвреме-навреме да направите пауза, за да останете здрави и ефективни. Таа исто така советува домашната канцеларија да ја одделиме од другиот простор и работната маса да ја освежиме со украсни растенија и слики, за да ни биде попријатно.