Марчело Пецети, италијански историчар
Ако другите институции, како што го стори тоа италијанското МНР, ги отворат архивите, како што би требало да направи и Ватикан, ќе имаме други методи, друго оружје за да продолжиме да работиме. Ова е дел од историјата за кој долго време не се зборувало. И затоа секој треба да отвори дел од архивите, од меморијата и потребна е малку храброст за тоа, вели Пецети
Истражувањата за Евреите и за холокаустот се мојот живот, вели Марчело Пецети, научен директор на Фондацијата за холокаустот од Рим и еден од најважните италијански историчари за оваа проблематика. Амбасадата на Италија во Скопје во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје организира средба со професорот Пецети, кој презентира необјавени документи поврзани со активностите на италијанските дипломати во странство за време на Втората светска војна. Тој се осврнува и на настаните поврзани со Евреите од Скопје, Битола и од Солун.
Марчело Пецети бил научен советник и во продукцијата на филмови добитници на наградата „оскар“, како што се „Шиндлеровата листа“ на Стивен Спилберг, „Животот е убав“ на Роберто Бенињи и други.
Што ви беше поттик да почнете да го истражувате овој трагичен дел од светската историја?
– Знаете, ова е мојот живот. Новинарите честопати ме прашуваат зошто истражувам цел живот за „Аушвиц“. Проблемот, според мене, не е зошто јас го работам тоа, туку зошто другите не го работат тоа. Ќе ви ја кажам вистината, тоа е толку голема трагедија, приказна на сите нас, Евреи или не, и затоа е потешко да не се интересираме за ова отколку да го правиме тоа. И кога некој ќе навлезе во истражувањето, не успева повеќе да излезе. Кај мене постојат и лични причини, но не сакам тоа да го поставам на лично ниво. Сакам секогаш да мислам дека тоа е приказната на сите нас и на неверојатен начин нѐ обединува сите, Евреите и сите други.
Се фокусирате на односот на дипломатите за време на Втората светска војна, кои беа активностите на италијанските дипломати во странство по објавувањето на расните закони од 1938 година?
– Ова беше навистина големо откритие. Поточно, во 1938 година фашистичкиот режим им наредува на сите свои дипломати да испратат извештаи за тоа какво мислење постои во земјите во кои работат за антиеврејските закони, а потоа им бараат и да напишат извештаи за ситуацијата на Евреите во тие земји. Италијанските дипломати го чувствуваат уште повеќе пулсот на ситуацијата, знаат точно што се случува и испраќаат извештаи за тоа. Кога истражувавме, имавме одлична соработка со министерствата за надворешни работи и за меѓународни работи на Италија, ни дозволија пристап до оваа архива на документи што никогаш не била отворена. Дури и за мене тоа беше големо изненадување. Затоа му предложив на италијанското МНР да организираме заедничка изложба и многу сум горд на тоа. Од истражувањето на документите заклучивме дека не сите дипломати биле исти, дека секој се однесувал различно. Некои биле антисемити, некои ситуации биле срамни за Италија. Еден пример: кога во 1938 година се случи т.н. Кристална ноќ во германскиот град Есен имаше куќа што беше во сопственост на италијанските железници, а тие им ја изнајмиле на Евреи. Таму пристигнале нацистите, ја уништуваат куќата, а италијанските железници, во согласност со италијанската дипломатија, бараат надомест на штета од самите Евреи. Ова е навистина срамно. Целата оваа документација се однесува на настани до есента 1943 г. бидејќи тогаш и Италија падна под германска окупација. Во Италија се создава италијанската социјална република, која соработува со нацистите, а нејзината дипломатијата повеќе не постои. Но ние сакавме да дознаеме што правела дипломатијата додека постоела, и бидејќи работела до есента 1943 г. и секогаш испраќала извештаи, нешто неверојатното во врска со оваа документација е дека дипломатите опишале на неверојатно прецизен начин што се случувало тогаш во цела Европа и во светот.
Околу 7.300 македонски евреи од Скопје, Штип и од Битола биле депортирани во „Треблинка“. Какви информации имате за Евреите во Македонија?
– Ние специјалистите знаеме по нешто околу тоа што се случило со македонските Евреи, но тоа треба да го дознае пошироката јавност, а таа е убедена дека Бугарија нема никаква врска со депортацијата на Евреите. Во последниве години е истакнато позитивното однесување и на Пешев (борец против депортацијата на Евреите) и на дел од бугарското општество во однос на Евреите, заборавајќи што се случило со Евреите од Тракија и од Македонија. Во документацијата што ја откривме, пронајдовме извештаи што тогашниот италијански конзул во Скопје, Роберто Вентурини, ги испраќал до Рим. Тој не ја раскажува својата приказна, нема лични интереси, туку го пишува она што го гледа, а она што го гледа е ужасно. А преку историјата, преку фактите, се формира колективната меморија и идентитет. Она што им се случи на македонските Евреи е голем срам, бидејќи тие беа целосно оставени сами на себе, а вината не е само на нацистите. Вентурини ни го опишува тоа. Без да се обвинуваме, сакаме да разбереме што точно се случило. Сакаме да разбереме зошто денес скоро и да нема Евреи тука, има само околу 200. Се трудам и да разберам што се случило во Полска. Во Краков од 70.000 Евреи денес има само околу 160. Ние треба да ја разбереме нашата историја, и да ги вклучиме сите: Евреите, неевреите, верниците, лаиците, политичарите, обичните луѓе…
Вашите истражување придонесоа и во седмата уметност…
– Во филмовите раскажуваме приказни, фикции или историски есеи. Да бев режисер ќе ја раскажев приказната што се случила на овие простори, приказната за Сузана Пардо и нејзината едногодишна ќерка Есперанс, две Италијанки што го губат италијанското државјанство, бидејќи Сузана се омажила за југословенски Евреин од Битола, во тоа време окупирана од Бугарија, и автоматски таа станала бугарска државјанка. Таа и нејзината ќерка се единствените две италијански државјанки што завршуваат во „Треблинка“, бидејќи Италијанците главно биле депортирани во „Аушвиц“. Ние знаеме сè за неа, во Италија ја најдовме сестрата на оваа жена, која сѐ уште ги гледа на сликите својата сестра и внука, не разбирајќи што се случило. Би направил филм во кој од политичка гледна точка би ја раскажал оваа тажна приказна за единствените две Италијанки што биле депортирани од тука.
Кои задачи ќе си ги дадете себеси за во иднина?
– Сега голем проблем е како ќе се зборува за холокаустот откако ќе ги нема сведоците, бидејќи сега во нашите истражувања ги користиме нив. Новиот предизвик е да се зборува за холокаустот без сведоци. Мораме да го промениме методот. Ние организираме патувања, одиме во „Аушвиц“ и таму ги носиме и сведоците, а тие се последните. Што потоа? Некои велат дека оние што слушнале еден сведок потоа стануваат и тие сведоци. Но, ова е глупост, ние никогаш нема да бидеме сведоци и мораме да се соочиме со оваа тематика на друг начин, а можеби и мојата последна работа како историчар ќе биде токму тоа. Ако другите институции, како што го стори тоа италијанското МНР, ги отворат архивите, како што би требало да направи и Ватикан, ќе имаме други методи, друго оружје за да продолжиме да работиме. Ова е дел од историјата за кој долго време не се зборувало. И затоа секој треба да отвори дел од архивите, од меморијата и потребна е малку храброст за тоа.