„Bella Ciao“ првенствено се пеела во комунистичките и анархистичките кругови, но поради текстот во кој никаде експлицитно не се наведуваат политичките програми и ставови, стана популарна во многу делови на светот како песна за луѓето што не се откажуваат од борбата против неправдата
Песната „Bella ciao“ влече корени уште од крајот на 19 век, кога ја отпеале работниците на оризовите полиња во северна Италија. Подоцна ја презеле италијанските партизани во борбата против германските окупатори и италијанските фашисти, а денес честопати се пее како протестна песна за слобода и отпор. Со текот на годините, таа е преведена на повеќе од 40 јазици, а се отпеала и во безброј протести.
Во поново време таа стана повторно актуелна поради успехот на шпанската криминалистичка серија „Куќа на парите“ (La casa del papel), во која се користеше како порака за отпор. Со популарноста на серијата песната постигна мегауспех на техно-фестивалите летото 2018 година, на пример во верзија на холандските диџеи Хардвел и Мадикс.
Првата верзија ја пееле мондина (од итал. мondare што значи да чисти), работници задолжени за корнење на плевелот на полињата со ориз. Како што учи светската историја, со песната честопати се изразувале гнев и фрустрација, или се користела како вербален отпор против угнетувачот. Тие поминувале цел ден свиткани и во вода до колена за многу ниски плати, што доведувало до чести побуни и протести, барајќи подобри услови, кои постепено биле прифаќани од 1906 до 1909 година. Нивната верзија била насочена пред сѐ кон оние што ги надгледувале, а последната строфа повикува на ден кога ќе работат во слобода.
Се разбира, песната не настанала само како симбол на борбата против окупаторот, туку во движењето на отпорот била користена и како многу ефикасно средство за пропагирање идеи, дисциплинирање и едукација на трупите.
Италијански историчар Чезаре Бермани во своето истражување открива дека е испеана од партизаните во областа на Модена и во провинцијата Реџио Емилија уште во 1944 година, а исто така била популарна кај анархистите што дејствувале во регионот Риети. На светската сцена се појавува во 1947 година, во изведба на италијански партизани на Светскиот фестивал за млади и студенти. Иако првично имал плуралистичка програма, фестивалот подоцна станал место за советска пропаганда за време на Студената војна.
Како што пишува Ц.Е. Малара, „Bella Ciao“ носи конотација на левоориентираната песна, која првенствено се пеела во комунистичките и анархистичките кругови, но поради текстот во кој никаде експлицитно не се наведуваат политичките програми и ставови, непријателот едноставно се нарекува „освојувач“, таа стана популарна во многу делови на светот како песна за луѓето што не се откажуваат од борбата против освојувачи и авторитарни постапки. Исто така, едноставниот текст и рефрен, кој е разбирлив и за оние што не зборуваат италијански, придонесоа за прифаќање на песната меѓу демонстрантите, како и во поп-културата.
Меѓународното внимание го привлече со верзиите снимени во 1960-тите и 1970-тите години, на пример онаа на Ив Монтан, италијанско-француски пејач и актер. Подоцна ја преработија и КУД „Идиоти“, „Гоблини“ и Горан Бреговиќ, а меѓу најпознатите изведувачи се издвојуваат Том Вејтс и Марк Рибот, како и Ману Чао. Исто така, песната се користеше и како филмска музика: во филмот „Мост“ од Хајрудин Крвавац или неодамна во филмот „Двајца папи“ на Фернандо Мерелес, во верзија на групата „Свингл сингерс“.
Треба да се напомене дека таа во поново време се користи за политички или социјални цели. Демонстрантите собрани на протестот во 2012 година против глобалното затоплување ја снимија својата преработена верзија на текстот, а песната стана популарна и за време на протестите во Турција. Во Истанбул во 2013 година, млади активисти протестираа против уништувањето на мал зелен простор во близината на плоштадот „Таксим“, кој Владата, предводена од тогашниот премиер Таип Ердоган, одлучи да го пренамени за трговски центар и џамија.