Скандалот „Ибица“ доведе до падот на австриската влада, но истовремено, и до подем на познатиот музички хит од 1999 година, „We’re Going to Ibiza“ од групата „Венгабојс“, пренесува „Ројтерс“.
Австриската политичка сцена се наоѓа во голема криза поради скандалот со видео-снимката на која се забележува како австрискиот заменик-канцелар Хајнц Кристијан Штрахе од Партијата на слободата разговара со девојка која наводно е внука на руски олигарх, во луксузно одморалиште на Ибица нудејќи ѝ исплатливи државни зделки во замена за поддршка за неговата кампања.
По оставката на Штрахе во саботата, веројатно, австриската опозиција прославува со хитот на „Вангабојс“ бидејќи според веб-сајтот „ПопВортекс“, „We’re Going to Ibiza“ е број еден меѓу песните преземени од „АјТјунс“ во Австрија. Повеќе од 5.000 луѓе ја пееја оваа песна на централниот плоштад во Виена откако Штрахе си замина од владата во саботата. На Јутуб се појави и австриска пародија на песната, која им се потсмева на главните актери во скандалот.
Штрахе негира дека го прекршил законот, меѓутоа признава дека видеото е катастрофално. Иако видеото било снимено во јули 2017 година, тоа доспеа до медиумите минатата недела. Откако снимката излезе во јавност, Штрахе и неговиот сопартиец Јохан Гуденус, кој го договорил состанокот поднесоа оставки, а германскиот канцелар Себастијан Курц најави предвремени избори во септември.