Во повеќе европски земји е во сила закон со кој од 100 до 2.500 евра се казнуваат возачите што пушат, доколку превезуваат малолетници или бремени жени
Во Австрија неодамна стапи во сила забрана за пушење во автомобил кога се возат деца и млади до 18 години. За кршење на овој пропис се предвидува казна во износ од 100 евра, а во случај на повторно непочитување на истиот пропис може да се изрече казна и до 1.000 евра. Од забраната се изземени единствено такси-возилата.
Во мај австриската полиција само изрекуваше опомени, како фаза на привикнување на новите забрани, а казни се изрекуваат од 1 јуни.
Австрискиот автомото-клуб „ОеМТЦ“ смета дека ќе биде проблематична контролата на забрана на пушењето во автомобилите кога се возат деца, а особено е дискутабилно тоа што законот предвидува полицајците да не мора да го запрат возачот, туку, доколку забележат ваков прекршок, казната да ја испратат на домашната адреса на возачот.
– Ќе има проблеми ако во автомобилот пуши друго лице, а не возачот, бидејќи неговите податоци сопственикот на возилото не мора да ги даде – предупредува главниот правник на „ОеМТЦ“, Мартин Хофер.
Тој додава дека е речиси невозможно законот да се спроведе и кога има повеќе малолетници во автомобилот, кои имаат слична возраст како возачот и кога едно лице што е полнолетно пуши.
„ОеМТЦ“ ја поздравува намерата за заштита на малолетниците во автомобилите од чадот на цигарите, но истакнува дека законот би требало да предвидува за овој прекршок да се казнува само ако возачот биде запрен и ако неговиот прекршок биде докажан на самото место.
– Сѐ друго е спротивно на досегашната систематика во казнување, врз основа на законот за сообраќај – вели Хофер.
Инаку, забраната за пушење во автомобил постои подолго време во другите европски земји. На пример, во Италија таа се применува доколку во автомобил се возат трудница или малолетници. Во оваа земја казната се одредува врз основа на староста на децата и изнесува од 500 до 5.000 евра ако децата се помали од 12 години и ако се пуши во присуство на бремена жена, а од 250 до 2.500 евра ако станува збор за деца на возраст од 12 до 17 години.
Во Грција забраната за пушење важи доколку се возат деца помали од 12 години, а забраната важи за приватни автомобили, такси-возила, но и за автобуси. Кој ќе ја прекрши оваа забрана, може да плати казна до 1.500 евра.
На Кипар забраната важи ако се превезуваат малолетници под 16 години, а казната изнесува до 85 евра.
Во Велика Британија и во Велс забраната за пушење важи доколку се превезуваат лица под 18 години, а се казнува со парична казна од 50 фунти, односно 56 евра. Исклучок од забраната се прави само за кабриолети со отворен покрив.
Во Шкотска ниту возачот ниту патниците не смеат да пушат ако во автомобилот има лица под 18 години, и тоа независно дали се отворени покривот или прозорецот. Казната изнесува 100 фунти, односно 114 евра.
И во Ирска е забрането пушењето доколку се превезуваат малолетници под 18 години, за што е предвидена казна од 100 до 1.000 евра.
Во Франција, исто така, е забрането пушењето во автомобили во кои се возат малолетници под 18 години, а оној што не го почитува овој пропис може да биде казнет со 68 евра парична казна.
Со стапувањето во сила на забраната за пушење во автомобил, стапува во сила и забраната за пушење на работно место. Имено, законот предвидува дека е забрането пушење во затворени простории, доколку во претпријатието е вработен барем еден непушач.