Каби Ламе во март минатата година бил отпуштен од фабрика во градот Кивасо, Италија. Наместо да се впушти во потрага по ново работно место, тој се посветил на создавање видеа преку кои на ироничен начин ги побива новите трендови и прекомплицираните совети за справување со секојдневни ситуации. Благодарение на неговиот комичен израз и едноставните решенија, Ламе стана корисник со најбрз раст на бројот на обожаватели на социјалната платформа Тикток, бројка која достигна 67 милиони.

Лупењето банана со нож и користењето комплицирани алатки со кои се облекуваат чорапи не се за Ламе, кој во неговите видеа не зборува, туку со разочаран изглед на лицето ги врши истите задачи на многу поедноставен и пологичен начин. Видеата на Ламе завршуваат со превртување на очите и негирање со главата, како и со раширување на неговите дланки, со кои тој го акцентира резултатот на неговите едноставни совети.

– Моето лице и изрази се тоа што ги смее луѓето. Моите неми реакции се глобален јазик. Верувам дека мојот комичен израз на лицето и едноставноста на содржините ми помогнаа да ги придобијам моите следбеници. Објавувам содржини речиси секој ден. Тајната на успехот, пред сѐ, е во издржливоста – изјави Ламе во интервју.

Подемот на Ламе како креатор на дигитална содржина е особено значаен затоа што неговиот успех е постигнат без предеталните и наизглед перфектни видеа кои ги креираат другите познати тикток-ѕвезди. Иако Ламе наскоро може да стане најследената светска ѕвезда на Тикток, тој инсистира дека не гледа на Тикток како на натпреварување.