Поради пандемијата на коронавирусот училиштата за самба во Рио де Жанеиро, Бразил, одлучија да го одложат познатиот карневал, кој требаше да се одржи во февруари в година, пренесуваат светските медиуми.
Нов датум за одржување на фестивалот, не е објавен, но од училиштето Лиеса соопштија дека тоа зависи од вакцината. Карневалот веројатно нема да се одржи сè додека не се најде вакцина.
– Многу е тешко да се има карневал без вакцина. Нема шанси карневалот да се одржи во небезбедни услови… Сепак, свеченоста ќе може да се одложи најдоцна до јануари 2022 година, за да не се наруши следниот карневал – рече Жорже Кастањиера, претседателот на групата што го организира карневалот.
Вообичаено, 13 бразилски училишта за самба дефилираат за време на карневалот на Самбодром пред околу 90.000 жители на Рио и пред многубројни туристи од целиот свет. Датумот се менува секоја година во зависност од римокатоличките големи пости.
Првиот случај на коронавирус во Бразил е регистриран на 26 февруари, ден по завршувањето на годинешниот карневал. Натпреварувачката традиција на карневалот започнува во 30-те години на минатиот век. Дотогаш карневалот се одржувал на улица.
Првпат бил одложен за два месеци, во 1912 година поради смртта на тогашниот министер за надворешни работи. За време на Втората светска војна, прославите не се одржувале.