Актери спремни да го ризикуваат животот на снимањето
Некои актери се спремни да го ризикуваат животот со цел да ги направат сцените подобри, поавтентични и поверодостојни. Тие се толку посветени на својата работа, што не им дозволуваат на каскадерите да го заземат нивното место при смимањето на опасните сцени. А еден од најпознатите актери од акциските филмови, Џејсон Статам, дури ги критикуваше и колегите кои користат дублери. Тој смета дека ја мами публиката, ако самиот не ги изведува опасните сцени.
– Би можел да ја донесам баба ми, да и дадам наметка, и потоа дублерите да ја изведат сета акција. Секој би можел да го прави тоа – кажа Статам во интервју за британски „Телеграф“ во 2015 година.
Том Круз, Џеки Џен, Анџелина Џоли, Кијану Ривс и Кристијан Бејл се дел од ѕвездите кои обично сами ги изведуваат каскадерските сцени во нивните филмови.
Том Круз
Том Круз е познат по тоа што ги изведува акробациите во филмовите во кои глуми, без оглед колку тие се опасни. Тој ги изведе поголемите потфати во филмскиот серијал „Невозможна мисија“, како што се висењето од авион во лет и нуркање долго шест минути. Во 2016 година, Круз научи да пилора со хеликоптер, за тој самиот да може да сними одредена сцена.
– Круз научи да пилотира со хеликоптер за шест недели, додека вообичаено обиката трае три месеци. Тој работеше 16 часа на ден со две екипи, со цел да го скрати потребното време на половина – објаснува режисерот Кристофер Квари.
Опасната работа носи и последици, а Круз скршил зглоб за време на снимање во Лондон.
Џеки Чен
Познат како легендата за изведување опасни сцени, Џеки Чен самиот ги извел речиси сите сцени во неговите филмови за кои би биле потребни каскадери.
Поради тоа, тој се здобил со голем број изгореници, повреда на карлицата, пукнат череп и голем број скршени коски. Чен го држи Гинисовиот рекорд за најмногу изведени опасни сцени од жив глумец. Поради возраста, тој мора да дозволи каскадери да поработат наместо него во опасните сцени.
Анџелина Џоли
Во филмот „Солт“, Анџелина Џоли се покажа како бестрашна агентка на ЦИА која скока од камиони во движење, од мостови и од хеликоптери, без воопшто да има страв од височина.
– Таа е бестрашна кога станува збор за височина. Поради нејзината самодоверба, можевме да ја вметнеме во неверојатни ситуации за време на снимањето, знаејќи дека таа убедливо ќе ги изведе – вели координаторот за каскадерските сцени, Сајмон Крејн.
Кристијан Бејл
Кристијан Бејл е глумец познат по неверојатните трансформации на телото потребни за неговите улоги, било тоа да е формирање на развиено тело или изгладнување до смрт за улогата на психолошкиот трилер „Машинистот“. Поради тоа не е изненадувачки дека Бејл сака да изведува што е можно повеќе сцени во неговите филмови.
Иако имаше каскадер, Бејл научи борбени вештини потребни за самиот да ги изведе сцените со борба во „Бетмен“.
Но, и Бејл има лимит. За време на снимањето на „Спасувачка зора“, тој требало да биде заврзан со јаже на мотор, но му рекол на режисерот Вернер Херцог: „Нема да умрам за тебе, Вернер“.
Кијану Ривс
Познат како најљубезниот актер во Холивуд, Кијану Ривс е посветен на неговата работа. Тој самиот ги изведува борбените секвенци, возењето и пукањето со огнено оружје во филмскиот серијал „Џон Вик“.
– Јас ги изведувам 90 отсто од сцените кои публиката ги гледа во филмовите – изјавил Ривс.
Сепак, неговиот каскадер понекогаш мора да стапи во опасните сцени и да си ја заработи платата.
– Секогаш сум воодушевен кога глумците сакаат да изведат што е можно поголем дел од опасните сцени. Но Кијану не инсистира. Тој му верува на режисерот Чад Стахелски и знае дека ќе го повикаат секогаш кога е соодветно и безбедно – изјави за „Метро“ неговиот каскадер Џереми Фрај во 2020 година.