Напуштен вулкански остров, кој се наоѓа во архипелагот Понтино, во Тиренско Море, каде што пред 56 години се наоѓал функционален затвор, италијанските власти планираат да го претворат во туристичка атракција, која за посетителите ќе биде отворена во 2025 година.
Во напорот да го поттикнат туризмот во регионот Вентотене, властите велат дека ќе го обноват и оживеат островот, претворајќи го во музеј на отворено, по примерот на Алкатраз, во Калифорнија, САД, објави Си-ен-ен.
Според планот, затворската фурна ќе биде претворена во кафуле, а фудбалската соблекувална во хостел. Државата планира да потроши 86 милиони долари за преуредувањето на затворот во музеј на отворено. Но освен претставувањето на неговото минато, музејот е замислен како академски центар каде што ќе има уметнички работилници и семинари за Европската Унија.
Во раната фаза, што е во тек, се обезбедува островот, а подоцна се очекува властите да распишат конкурс за поднесување предлози за обновување на затворот.
Инаку, казнено-поправниот завод „Санто Стефано“ е довршен и отворен во 1795 година. Имал 99 ќелии и бил под строго централизирано управување, казните биле строги, а количеството храна што го добивале затворениците мало.
Во текот на италијанското фашистичко владеење, од 1922 до 1943 година, затворот се користел главно за политички дисиденти, а тука бил затворен и бившиот италијански претседател Сандро Пертини.
Во моментов посетителите можат да влезат во некои од ќелиите, кои се во многу лоша состојба, од ѕидовите се лупи бојата, а вратите висат на шарките.
Според објавата на Си-ен-ен, целта е реновирање и зачувување на зградите и на делови од островот, со еколошки пристап. Властите се надеваат дека со обновата на „Санто Стефано“ ќе ја зголемат туристичката привлечност на Вентотене. Посетителите, освен што ќе можат да спијат во некогашните куќички на затворениците, сега обоени во жолта и виолетова боја, ќе можат ја јадат во мензите на плоштадот, во близината на замокот „Бурбон“.