Италијанката Клаудија Боргоњо на хуманитарна лотарија доби слика на Пабло Пикасо, вредна еден милион евра.
Нејзиното добитно ливче беше извлечено на електронска ждрепка организирана од аукциската куќа „Кристи“ во Париз.
Во наградната игра за сликата на Пикасо „Мртва природа“ од 1921 година биле купени 51.140 лоза, по цена од 100 евра, во повеќе од 100 земји, но најголем број биле продадени во Франција, САД, Швајцарија и Италија.
Средствата ќе се искористат за обезбедување вода за руралните области во Мадагаскар и Камерун. Организаторите изјавија дека победничкото ливче било купено во Италија во декември.
Сликата била дел од колекцијата на милијардерот Дејвид Нахмад, кој е сопственик на 300 дела на Пикасо. Нахмад, сопственик на најголемата приватна колекција на шпанскиот уметник, ќе добие 900.000 евра за сликата.