Извештај на Американска агенција за заштита на фауната
Американската федерална агенција за заштита на фауната (ФВС) прогласи 23 животински вида за исчезнати, вклучувајќи го и белоклунестиот клукајдрвец, кој официјално не е виден од 1944 година. Експертите на многу начини се обиделе да пронајдат некој од овие 23 животински вида, но нивната потрага завршила без успех. Тие предупредија дека климатските промени и исчезнувањето на живеалиштата, заедно со другите притисоци, доведуваат до сѐ позабрзано исчезнување на загрозените видови. Откако ФВС утврди дека овие видови се исчезнати, почна процес за нивно повлекување од листата на загрозени видови.
– Со климатските промени и исчезнувањето на природните области, сѐ поголем број животински видови се на работ на опстанокот. Крајно време е за преземања заеднички активни и иновативни начини за спасување на дивината на Америка – рече Деб Халанд, американски државен секретар за управување со федералните природни ресурси и територии.
Исчезнувањето на секој од 23-те вида е трајна загуба за природното наследство на Америка.
– Ова е отрезнувачки потсетник дека истребувањето е резултат на промените во околината предизвикани од човекот – изјави Бриџит Фехи од ФВС за „Њујорк тајмс“.
Агенцијата објави дека меѓу исчезнатите, има 11 вида птици, осум слатководни школки, два вида риба, лилјак и едно растение. Белоклунестиот клукајдрвец некогаш бил најголемиот клукајдрвец во Америка, но неговото живеалиште било уништено со уништувањето на шумите во јужниот дел на САД. Последен пат е виден во 1944 година, во североисточна Луизијана.