Кога имате ракета висока 70 метри и полна со 76.000 литри гориво на платформата за лансирање, додека претседателот на САД посматра, а милиони луѓе ширум светот се во исчекување, не би требало да изберете пролетен ден на Флорида кога лошите временски услови се непогодни за ваков голем чин. Но, токму ова се условите во кои „Фалкон 9“ на „Спејс екс“, со екипажот од астронаутите Боб Бенкен и Даг Харли, требаше да полета на 27 мај во историското прво лансирање од американско тло од 2011 година. Лансирањето беше презакажано за сабота, пренесува „Тајм“.
Откажаното лансирање ги натера многумина да се запрашаат: „Зошто НАСА и „Спејс екс“ едноставно не изберат ден кога небото е чисто?“. Не е до нив, тоа зависи од физиката.
Доколку сакате да лансирате старо летало до некоја дестинација во орбитата, можете тоа да го направите во било кој ден. Но, овојпат, тие треба да патуваат до дестинација која веќе е во орбитата на Земјата, Меѓународната вселенска станица. За да се изведе ваков деликатен зафат е потребно детално планирање, прецизно лансирање и создавање на таканаречен „прозорец за лансирање“.
Кога програмата „Аполо“ беше лансирана во минатото, трикот не беше да се упати кон локацијата на Месечината за време на полетувањето, туку да се предвиди каде Месечината ќе се наоѓа три дена подоцна, кога леталото ќе го помине растојанието потребно за слетување. Со тоа што Месечината орбитира околу Земјата со 3.683 километри на час, било потребно прецизно планирање.
Ситуацијата беше дополнително отежната од фактот дека самото пристигување во близина на Месечината не беше доволно. По патувањето на 386.000 километри, екипажот имаше за цел да влезе во лунарна орбита на само 97 километри над површината на месечината. Тоа може да се опише како да стоите на терен за фудбал, да стрелате во јаболко кое се наоѓа на спротивната страна на теренот, а притоа се обидувате да го излупите јаболкото со куршумот.
Исто така, екипата на „Аполо“ се обиде да слета на Месечината за време на оптимални услови на осветлување, кога сонцето беше под правилен агол на лунарното небо за да фрли сенки што ќе го истакнат, но не и да го преувеличуваат теренот. Тоа дополнително го намали прозорецот за лансирање.
Да се стигне до орбитата на Земјата е едноставно, но си има сопствени проблематики на прозорците за лансирање. Вселенското летало обично не ја обиколува планетата во совршени траектории што ги носи околу екваторот. Наместо тоа, тие се лансирани во орбитите кои се наклонети во однос на екваторот. Географската ширина на Кејп Канаверал е околу 28 степени, така што орбиталното вселенско летало лансирано од вселенскиот центар „Кенеди“ лета наклонето на сличен начин, движејќи се 28 степени над и под екваторот додека патува низ светот.
Но, постојат и дополнителни компликации. Самата земја е наклонета 23 степени, потребни се 24 часа за да се заврти еднаш околу својата оска, а на вселенско летало му се потребни само 90 минути да ја заврши орбитата. На рамна мапа, леталото се чини дека испишува еден вид синусна шема на бранови, движејќи се над и под екваторот, никогаш не минувајќи прецизно на истата точка на земјата на две последователни орбити. Меѓународната вселенска станица орбитира по повисока склоност од 51,6 степени, концесија што САД ја направија по примерот на Русија, која го лансира своето вселенско летало северно, од космодромот Бајконур во Казахстан.
За да се испланира успешно лансирање, потребно е станицата да биде под оптимална позиција со леталото, за летот да биде возможен, а леталото да стигне на време на станицата, или пак, доколку малку задоцни, леталото да може да „ја следи“ и да направи рендеву.
Мисиите со екпипаж честопати имаат потесни прозорци што им овозможуваат на астронаутите и космонаутите да „ја фатат“ станицата за нешто помалку од четири орбити, или шест часа. За Бенкен и Харли, лансирањето од Кејп Канаверал значи релативно долга 19-часовна потера по станицата. Но, патувањето може да биде многу подолго доколку одберат погрешен прозорец за лансирање.
Со временските услови кои го затворија прозорецот на 27 мај, историската мисија на „Спејс екс“ е во потрага по ново отворање што ќе овозможи лансирање утре. Ако тој прозорец е исто така затворен, наредниот ќе биде достапен ден потоа.