Исланд се соочува со парична казна од организаторите на Евровизија откако бендот Хатари, кој ја претставуваше нивната земја вееше шалови со палестинското знаме во Израел, пренесува „ЈУРОњуз“.
Организаторите, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), во саботата објави дека ваквиот потег е против правилото на Евровизија кое забранува употребување на политички гестови.
Правилото 2.6 предвидува дека „земјите што учествуваат ќе ги преземат сите чекори и мерки со цел нивните претставници и изведби да не бидат политизирани“.
Исландските претставници на овогодинешната Евровизија, бендот Хатари, се познати по нивниот став кој ја осудува окупацијата на палестински територии од страна на Израел.
Не е познато која е сумата која е предвидена како казна, но се наведува дека е во согласност со евровизиските правила.
Дури и настапот на Мадона во финалето предизвика контраверзија откако двајца од танчарите се појавија на сцената со израелско и палестинско знаме.
– Станува збор за грешка. Со почит кон Мадона, но не смее да се мешаат политиката и културата – изјави израелскиот министер за култура, Мири Регев во врска со нејзиниот настап.
Израел беше домаќин на Евровизија откако нивната претставничка Нета Барзилаи победи во 2018 година. Следната Евровизија ќе биде одржана во Холандија.