Филаделфија ги исклучува светлата на солитерите за да им овозможи на птиците преселници да мигрираат побезбедно
Исклучувањето или затемнувањето на светлата им го олеснува движењето на птиците и истовремено заштедува пари и ги намалува емисиите на стакленички гасови.
Секоја година за време на пролетната и есенската миграција, десетици милиони птици преселници летаат низ Филаделфија, најголемиот град во американската држава Пенсилванија. За жал, голем број од нив удираат во згради и прозорци поради што организацијата наречена „Брд сејф фили“ почна акција за исклучување на светлата на највисоките згради во овој град, за птиците безбедно да стигнат до крајната дестинација.
Организацијата објаснува дека декоративното осветлување и светлата во зградите можат да ги збунат птиците преселници, кои користат небесни тела за навигација, како и дека птиците можат погрешно да ги толкуваат рефлексиите на стаклените фасади и да се обидат да летаат низ зградата.
Посебен проблем се јавува за време на дождливите денови кога има ниски облаци, затоа што тогаш градските светла најмногу ги збунуваат птиците преселници. На предложеното решение за исклучување или затемнување на светлата од полноќ до шест наутро во периодот од 1 април до 15 мај му се придружија голем број управители на канцелариски згради, како и поединци што живеат на горните катови на некои од многуте солитери во Филаделфија.
Покрај спасувањето на животите на птиците, ова решение заштедува и многу пари како резултат на помалата потрошувачка на енергија, а исто така е корисно и од гледна точка на климатските промени, бидејќи пониската потрошувачка на електрична енергија ги намалува и емисиите на стакленички гасови. Организацијата наведува дека една зграда што се приклучила на слична иницијатива во Торонто заштедила дури 200.000 американски долари годишно поради помалата потрошувачка на енергија.
Се проценува дека неколку стотици милиони до неколку милијарди птици умираат низ светот секоја година од удари во згради. Затоа има сѐ повеќе иницијативи за користење прозорци што се побезбедни за птиците за време на изградбата. Можни решенија се специјални облоги што прават надворешниот дел од прозорецот да не изгледа транспарентен, купување прозорец со печатена шема или поставување физички пречки како кабли или јажиња што ќе спречат птиците да се осмелат да прелетаат низ прозорецот. Покрај тоа, препорачливо е да се користи помалку светло во текот на ноќта, како и да користите сино или зелено осветлување што ги одбива птиците.